
Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија го одржа денешниот тренинг пред последните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите.
Избраниците на селекторот Гоце Седлоски ги очекуваат гостување против Шкотска во Глазгов и дуел со Словенија на домашен терен, а своите очекувања ги кажа повратникот во националниот тим, Дарко Чурлинов.
„Секогаш ми било чест да играм за овој дрес и секогаш ќе давам максимум. Се надеваме на најдоброто. Нормално дека ќе анализираме и ќе се обидеме сето она што тренерот ќе ни го каже да го пренесеме на теренот“, истакна Чурлинов.
„Минутажата во клубот е многу битна и таа енергија се пренесува и овде. Добро е што сите играме во своите клубови, што имаме минутажа, и верувам дека тоа ќе има позитивно влијание на овие два натпревари“, додаде македонскиот репрезентативец.
„Шкотска ги има Мектоминеј, Гилмор, Робертсон, ние ги имаме Елиф Елмас, Барди и Столе Димитриевски. Денеска нема репрезентација што не може да се победи, така што тоа треба да го покажеме на теренот“, порача Чурлинов.
Извор: Курир

Македонски



