
Македонската репрезентативка Ева Митевска оствари извонреден успех на Младинските олимписки игри во Дакар, Сенегал пласирајќи се во финалето на трката на 100 метри во конкуренција на атлетичарки под 18 години.
Во полуфиналната трка, Ева го освои четвртото место со резултат од 12.58 секунди, обезбедувајќи пласман меѓу деветте најдобри финалистки.
Во големото финале нашата репрезентативка истрча фантастични 12.28 секунди и го освои осмото место. Иако резултатот беше постигнат со ветер од +2.4 m/s, над дозволената граница, ова претставува исклучително вредно остварување на најголемата светска сцена за млади спортисти.
„Исклучително сме горди на Ева за овој историски успех! Честитки до неа и нејзиниот тренер за извонредниот настап и достојното претставување на Македонија на Младинските олимписки игри!“, велат од Атлетската федерација на Македонија.
Со неполни 18 години, Ева испиша нова страница во историјата на македонската атлетика, потврдувајќи го својот огромен потенцијал и статусот на една од најголемите надежи за иднината на македонската атлетика.

Македонски



