Skip to main content

Модата и сликарството одат рака под рака, покажа Силвија Михајловска со „Алшар“ во новата колекција „Living Canvas“

Модата и сликарството одат рака под рака, покажа синоќа македонската модна дизајнерка Силвија Михајловска и креаторка на препознатливиот бренд „Алшар“ во новата колекција „Living Canvas“ која беше прикажана на втората вечер на Моден викенд Скопје кој се одржа во Музејот на совремана уметност (МСУ).

Втората вечер на Модниот викенд Скопје ја заокружи Михајловска со „Алшар“ и колекцијата „Living Canvas“, инспирирана од модерната уметност, особено од апстрактниот експресионизам. Креациите добиваат улога на платно на кое формата и бојата се развиваат преку спонтан гест, слободна асоцијација и интуитивно создавање.

Емоцијата, енергијата и движењето се во средиштето на овој пристап. Дел од облеката е насликана од гостински уметници, со што соработката меѓу модата и сликарството станува составен дел од самите парчиња.

Покрај Михајловска, во „Living Canvas“ учествуваат Микица Трујкановиќ, Љубица Мешкова Солак, Лазе Трипков, Катерина Таневска, Нина Симовска, Марија Чепишева и Гоце Наневски, како и младиот уметник Михаил Костик. Нивните интервенции ја продолжуваат идејата за облеката како уметничко дело што се носи и се движи, давајќи ѝ на завршната ревија директна врска со музејскиот простор и со темата на ова издание.

Силвија Алшар редовно учествува на ревиите кои се во организација на Моден викенд Скопје, двапати годишно.

Идејата за мода отсекогаш била тесно поврзана со сѐ што работи, уште од најрана возраст. Завршила средно уметничко училиште на отсек мода, а потоа и Факултет за ликовни уметности – отсек сликарство и мода.

Фото: Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски

Поврзани вести