
Израелските хирурзи од Шеба медицинскиот центар од Тел Авив повторно се во Македонија за повредените од дискотеката „Пулс“ од Кочани и тие ќе останат една недела за да им помогнат на лицата кои настадаа во пожарот кој се случи на 16 март 2025 година.
Тимот го сочинуваат: д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници, признаен стручњак за пластична и реконструктивна хирургија и третман на сложени изгореници, д-р Матан Шерф, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија и хирургија на рака, раководител на Единицата за микрохирургија при Одделот за хирургија на рака, д-р Тал Канфино Кац, ортопедски и реконструктивен хирург во Одделот за хирургија на рака и спасување на екстремитети.
Д-р Харац и д-р Канфино Кац беа кај нас и веднаш по трагедијата, кога тимот на Шеба работеше рамо до рамо со нашите лекари. Сега се враќаат за да ја продолжат грижата за пациентите, објави министерот за здравство Сашо Клековски на социјалните мрежи.
Според него, најпрво ќе направат проценка на состојбата на пациентите. Потоа ќе следуваат интервенции во Кочани и во Скопје, заедно со нашите медицински тимови.
„Шеба“ е најголемиот и најсеопфатен медицински центар на Блискиот Исток. Магазинот Newsweek во 2026 година го рангираше на 7. место меѓу најдобрите болници во светот. Тоа е негова осма година по ред во светскиот топ 10.
Им благодарам на колегите од Израел што повторно се тука. Нашите пациенти добиваат најдобра можна стручност, а нашите лекари драгоцено искуство, вели министерот Клековски.
Во пожарот кој избувна во нелегалната дискотека во Кочани 63 лица, претежно млади, го загубија животот, а над 200 беа повредени.

Македонски


