Skip to main content

Во Лондон уапсени 325 лица на масовен протест во поддршка на Палестинска акција

Британската полиција соопшти дека уапсила 325 лица на протестот што се одржа во саботата во Лондон, во знак на поддршка на организацијата „Палестинска акција“, која британската влада ја забрани.

„Вкупно 325 лица беа уапсени вчера. Огромното мнозинство, односно 320 лица, беа таму за да изразат поддршка за организација забранета согласно Законот за тероризам“, се наведува во соопштението на Метрополитенската полиција, објавено денеска на социјалната мрежа Икс.

Демонстрантите организираа протест пред американската амбасада, во пресрет на дводневното сослушување пред британскиот Врховен суд, кое започнува во среда, а се однесува на одлуката на британската влада од јули 2025 година за забрана на организацијата „Палестинска акција“, согласно антитерористичкиот закон.

Помал број демонстранти се собраа и пред американскиот конзулат во шкотската престолнина Единбург, но таму немало апсења, соопшти шкотската полиција.

САД, исто така, ја означија „Палестинска акција“ како терористичка организација во август.

Организацијата „Палестинска акција“ беше забранета согласно британскиот Закон за тероризам во 2025 година, откако нејзини активисти провалија во воздухопловната база на Кралските воздухопловни сили (РАФ) Брајз Нортон и оштетија два воени авиона.

Поврзани вести