
Со панел-дискусија за објавувањето драмски текстови, повеќејазични читања и театарска претстава, на 31 октомври во Скопје заврши Генералната асемблеја на „Еуродрам“, одржана во знакот на 25-годишнината од основањето на европската мрежа за драма и превод.
Асемблејата се одржа од 27 до 31 октомври, со настани во Театар Комедија, Европска куќа – Скопје, „Лабораториум“ и книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. На неа учествуваа 60 меѓународни гости од 28 земји: драмски автори, преведувачи, режисери, драматурзи, издавачи, театарски уметници, истражувачи и други професионалци.
На последниот работен ден на Асемблејата, на 31 октомври (сабота), во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ се одржа панелот „Зошто да се објавуваат драми?“, модериран од Бисера Бендевска. Во дискусијата учествуваа Доминик Долмие од издавачката куќа „Само за миг“ („L’Espace d’un instant“) – Париз, Бранка Бугариска од „Арс Ламина“ – Скопје и Несторас Пулакос од „Вакхикон“ – Атина.
Драмата живее и како книжевен текст и како сценска изведба, но нејзините печатени изданија често добиваат помалку внимание од прозата и поезијата. Кој денес купува и чита драми и како да се прошири нивната читателска публика беа меѓу клучните прашања на панелот.
Според Доминик Долмие од издавачката куќа „Само за миг“ – Париз, постојат два основни проблеми во издавањето драмски текстови. Првиот го лоцираше во образованието и во распространетото мислење дека читањето драми е сложено, а вториот во политичките и економските прилики во Франција. Тој објасни дека често се објавуваат книги со лесни содржини што брзо се читаат, поддржани од маркетиншки систем што овозможува голема продажба и брза заработка, во согласност со принципите на капиталистичкото општество. Книгите со драмски текстови, според него, остануваат надвор од тој систем, а театарот претставува форма на отпор кон неговата логика.
Претставничката на „Арс Ламина“ – Скопје, Бранка Бугариска, посочи дека најголем дел од купувачите на книги со драмски текстови се театарски професионалци и студенти. Таа истакна дека тоа треба да се промени, бидејќи читањето драми нуди посебно читателско искуство, исто како читањето поезија или проза. Во таа смисла, додаде дека издавачите треба да развијат пристапи што ќе овозможат создавање нова публика за драмските текстови.
Издавачот Несторас Пулакос од „Вакхикон“ – Атина зборуваше за комерцијалниот аспект на објавувањето драми. Тој истакна дека објавувањето на драмскиот текст често го поврзува со неговата сценска изведба, со што на гледачите им се нуди можност да го купат и прочитаат делото што го виделе на сцена. Притоа нагласи дека културната вредност останува во основата на објавувањето драмски текстови, исто како и кај прозата и поезијата.
Учесниците на панел-дискусијата зборуваа и за сложениот процес на избор и превод на драмите, како и за потрагата по финансиски средства за нивното објавување. Иако условите се разликуваат од држава до држава, издавачите се соочуваат со слични проблеми. Во таа смисла, беше истакната улогата на „Еуродрам“ во изборот, преводот и поширокото претставување на драмските текстови.
Панелот беше организиран во партнерство со Европската федерација на театарски издавачи. За време на дискусијата, на видеобим беа прикажувани кориците на драмски изданија објавени на различни јазици.
За значењето на оваа размена зборуваше и Иван Додовски, претседател на „Еуродрам“:
– На повикот на „Еуродрам“ оваа година пристигнаа 1820 драмски текстови од различни јазични средини. Човек тешко би можел да следи толку обемна продукција од цела Европа, и тоа секоја година. Токму затоа е драгоцен изборот на „Еуродрам“: колегите од секој јазичен комитет го вложуваат своето знаење и време за да издвојат по три дела што заслужуваат пошироко внимание. Зад секој избор стојат часови внимателно читање, разговори и одмерување на уметничките вредности. Избраните дела потоа им ги препорачуваат на преведувачи, издавачи и театри низ Европа. За средина како нашата, оваа размена е особено драгоцена: им отвора пат на македонските автори кон странската публика, а нам ни овозможува да откриваме нови драмски гласови и да го збогатуваме домашниот репертоар – истакна Додовски.
Истиот ден во Театар Комедија се одржа и настанот „Кутија – еден на еден“, кој понуди можност да се слушнат извадоци од драми на различни јазици, прочитани од членови на „Еуродрам“. Во оваа игра посетителите влечеа бројчиња и одеа до нумерираните позиции, каде што член на мрежата ги пречекуваше и им читаше извадок од драмски текст избран за превод од некој од јазичните комитети на „Еуродрам“.
На крајот од работниот сегмент на Асемблејата, Иван Додовски им врачи благодарници на членовите на тимот што учествуваа во успешната реализација на петдневниот настан.
Во вечерниот термин беше изведена претставата „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и продукција на Театар Комедија.
Покрај работните средби, програмата на Генералната асемблеја содржеше две панел-дискусии, две сценски читања на избрани драмски текстови, преведувачка работилница, промоции на две книги и на новите изданија „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ и „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, настанот „Кутија – еден на еден“, како и изведби на шест претстави во продукција на Театар Комедија, Драмски театар и Турски театар – Скопје. Програмата беше реализирана во целост, а гостите и организаторите изразија задоволство од средбите и размената во Скопје.

Македонски


