
Побрза обработка на примероците крв и побрзо издавање на резултати на пациентите, е овозможено со новите лабораториски анализи воведени во Институтот за јавно здравје кои претходно не беа целосно достапни во државното здравство. Новата лабораториска опрема – имуноанализаторите се користат за прецизно откривање и квантифицирање на специфични протеини, хормони, антитела, туморски маркери и други биомаркери во биолошки примероци. Исто така, со него се врши детекција и квантификација на антигени (делови од вирусот) или антитела – протеини создадени од имунолошкиот систем како одговор на вирусот, вели во интервју за МИА директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска.
Во областа на вирусологијата и молекуларната дијагностика, посочува таа, воведени се или се проширени следните анализи: ентероинтестинален микробиом и микроорганизми што тешко се култивираат; женски вагинален микробиом; машка урогенитална микробиоценоза; молекуларна детекција и типизација на сексуално преносливи инфекции; молекуларна детекција на четири вирусни причинители на дијареа: ротавируси, аденовируси, норовируси и астровируси; детекција и генотипизација на ХПВ преку анализа на мРНК за онкогените протеини Е6 и Е7; детекција и генотипизација на 24 високо и нискоризични типови ХПВ; детекција на ИгМ антитела за вирусот на хепатитис Е; молекуларна детекција на парвовирус Б19.
Д-р Андоновска потенцира дека во рамки на нивните активности се применуваат акредитирани методи и системи кои значат проширени можности за лабораториска дијагностика, посеопфатна контрола на хемиските опасности во храната и водата и унапредување на мониторингот на радиоактивноста во животната средина.
Во врска со ставањето во функција на скапата софистицирана медицинска опрема која пред нејзиното преземање на директорската функција стоела неискористена и неотпакувана, таа појаснува дека таа опрема придонесува за унапредување на лабораториските услуги и за поголема достапност на анализите во рамките на јавното здравство.
Од почетокот на август до крајот на септември, регистрирани се вкупно 20 позитивни лица со Ковид-19 од вкупно направени 770 тестирања во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 и во лабораториите/здравствените установи во кои се спроведува брз антигенски тест. Во текот на 2026 година, регистрирани се вкупно 62 заболени лица и два смртни случаи асоцирани со Ковид-19. Во истиот период во 2025 година, беа регистрирани 307 заболени лица од кои два случаи завршиле со смртен исход, вели д-р Андоновска и упатува апел во пресрет на сезона на настински, респираторни заболувања и грип, граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита.
Институтот за јавно здравје, посочува таа, спроведува континуирани активности за унапредување на здравјето, превенција на заболувањата и подигнување на здравствената свест кај населението.
Активностите се реализираат преку национални програми, здравствено-промотивни кампањи, едукативни материјали, предавања и соработка со здравствени установи, образовни институции и други партнери. И во 2027 година, Институтот за јавно здравје планира да продолжи со вложувањата во унапредување на инфраструктурата и зајакнување на човечките капацитети, следејќи ги приоритетите и потребите на институцијата. Целта е континуирано подобрување на условите за работа, јакнење на стручниот кадар и унапредување на квалитетот на услугите што ги обезбедува Институтот во интерес на заштитата на јавното здравје, додава д-р Андоновска во интервјуто за МИА.
Целото интервју може да го прочитате тука.

Македонски


