
Брвеница е мала општина, тоа сите го знаеме. Но, она што не го знаеме со сигурност е како политичките партии ќе делуваат на изборите за градоначалник во вториот круг. Дали тие ќе ги мобилизираат граѓаните според етничката припадност или ќе делуваат како политички блокови кои што се застапени во власта и во опозицијата?
Вториот круг од предвремените локални избори во Брвеница може да биде исклучително интересен и индикативен за идниот развој на политичката клима во Македонија. Од една страна, овие избори можат да ја зацврстат перцепцијата за тоа дека Македонија продолжува да се движи во правец на надминување на меѓуетничките бариери, но, од друга страна, можат да наметнат сериозна политичка дилема за тоа дали повторно се враќаме во строго етничкиот клуч на функционирање на политичката сцена.
Заради илустрација, во првиот круг победи Стојанчо Радичевски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 2943 гласа. Втор беше Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, со 2152 гласа. По него следеа кандидатот на ВРЕДИ со 1528 гласа и кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ со освоени 706 гласа.
Бројки како бројки, некој има повеќе, некој помалку. Но, нивната кумулативна вредност, во зависност од тоа кој принцип на делување и гласање ќе преовлада, ќе го одлучи идниот градоначалник на Брвеница. Поставеноста на овие бројки ја прави приказната особено интересна затоа што во игра влегуваат сите можни комбинации на гласање кои им даваат право на двајцата кандидати да се надеваат на победа.
Како што можевме да видиме, ВМРО-ДПМНЕ извојува убедлива победа против својот директен конкурент СДСМ. Односот повеќе од четири спрема еден во корист на ВМРО-ДПМНЕ е јасен показател за тоа како котираат овие две партии кај граѓаните и каков е можниот исход на некои следни избори кои би се случиле во државата. Тука работите се јасни.
Она што е поинтересно за анализа е односот на гласови меѓу блокот на ДУИ, од една страна, и блокот на ВРЕДИ, од друга страна. И покрај тоа што коалицијата на ДУИ го победи ВРЕДИ во Брвеница, односот на гласови помеѓу овие два блока е далеку поизедначен од оној меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Исто така, на овие избори се покажува дека ДУИ веќе не може да делува самостојно туку мора да оди како коалиција составена од повеќе партии под брендот НАИ. Тоа самото по себе говори дека времињата на силната политичка гравитација која што ДУИ самостојно ја создаваше околу себе кај албанските гласачи, сега мора да се гради како амалгам од сите политички актери кои не се дел од ВРЕДИ. Ваквата состојба има свои предности, но и свои недостатоци. Кое од двете нешта ќе добие доминантна улога на следните избори ќе биде одлучувачко за нивниот резултат.
Победата во една мала општина може да биде охрабрувачка за опозициската ДУИ, но ваквата победа пресликана на државно ниво може да биде недоволна за некакви посериозни поместувања на политичката сцена. Оваа констатација особено ќе дојде до израз доколку актуелните владини партнери продолжат да имаат јасна политичка визија и цврста коалиција заснована на политичка програма и принципи.
Тука доаѓаме до клучниот момент, а тоа е кој начин на гласање ќе преовлада во вториот круг од изборите во Брвеница. Токму од начинот на гласање и однесувањето во вториот круг (тука највеќе се мисли на ВРЕДИ) ќе зависат и некои идни придвижувања или поместувања на македонската политичка сцена. Дали тоа ќе биде гласање по етничка линија или ќе се гласа според коалициската припадност која функционира на државно ниво, ќе влијае врз главните политички актери да делуваат во правец на зацврстување или на преиспитување на партнерските односи.
Гласањето по етничка основа ја враќа државата неколку чекори назад. Македонија помина низ тежок и болен процес на трансформација и напуштање на строго етничките ровови. Не дека сега тие не постојат, но постојат и мостови кои нудат избор за сите оние граѓани кои повеќе преферираат мост отколку ров. Ние не сме само за денес или само за еден изборен циклус. Мостовите мора да останат и да служат за комуникација и размена на добра и вредности, па нека биде тоа и размена на политичка поддршка со долгорочен карактер.
Она што го видовме по завршувањето на првиот круг од изборите од страна на поразениот кандидат на ВРЕДИ е за анализа и дискусија меѓу коалиционите партнери од власта. Тоа што го призна поразот и му честиташе на својот конкурент, е за поздравување и претставува чин на политичка култура. Но, тоа што веднаш скокна во етничкиот ров со пораката дека во вториот круг ќе поддржи гласање по етничка линија, претставува ретроградност која треба сериозно да биде преиспитана од раководството на ВРЕДИ.
ВМРО-ДПМНЕ има јасна политика со предвидлива политичка траекторија на подолг временски период. Оваа политика го почитува ставот на македонскиот народ и граѓаните, особено во однос на националните атрибути кои се под постојана закана во последниов период. Оваа политика во себе вклучува и економски и социјални параметри кои го стабилизираат општеството и придонесуваат за високото ниво на доверба. Ваквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе му дава предност и почетна стартна позиција во сите политички калкулации, освен ако нема инциденти предизвикани од поедини функционери кои можат да ја загрозат ваквата состојба.
ВРЕДИ до овој момент се покажа како стабилен и доверлив политички партнер кој фокусот го става на државниот интерес со истовремена артикулација и задоволување на интересот на сопствените гласачи. Во исто време, ВРЕДИ во ниту еден момент не протежираше политики кои ќе се сфатат како притисок кон Владата кој доаѓа однатре заради реализирање на политиките кои како кукавичко јајце останаа во наследство од Заев, Ковачевски и Филипче.
Ова е еден значаен дел од владините политики со кои овие партнери успешно се справуваат со сите предизвици во време кога во светот и Европа беснеат војни, насилни протести и ценовни шокови. Досега бевме навикнати кризите и конфликтите да ги гледаме внатре кај нас, додека потесното и пошироко опкружување на земјата беа стабилни и имаа јасна развојна линија. Овој пат е обратно, за што мора да им се оддаде признание на вкупните политики на коалиционите партнери во Владата.
Токму поради ова последново, голема штета ќе биде доколку заради една мала општина повторно се закопаме во етничките ровови и ги загрозиме политичкиот капитал и довербата кои што макотрпно се создаваа. Во преден план секогаш треба да ја имаме големата слика и да ја водиме играта на големиот терен, која треба да биде од приоритетен интерес во однос на играта на мали голчиња по министерските кабинети и комбинаториките на локално ниво.

Македонски

