
Затворот во Струмица доби детско катче со лулашки, лизгалки и играчки, наменето за децата кои доаѓаат во посета на своите родители и најблиски кои издржуваат затворска казна. Од Управата за извршување на санкции информираат дека просторот е уреден по барање на родителите и нивните семејства, кои укажале на потребата од посебно место за најмладите за време на посетите.
Целта е децата да имаат попријатен престој и простор за игра додека се во посета на своите најблиски, во средина која за нив може да биде особено тешка и емотивна. Од Управата посочуваат дека уредувањето на детското катче е дел од активностите за подобрување на условите во установата, со грижа не само за осудените лица, туку и за нивните посетители.

Во реализацијата на иницијативата помогнал и кошаркарскиот клуб АБА Струмица, на кој Управата му упати благодарност за поддршката во уредувањето на просторот за најмалите.
Од установата велат дека продолжуваат со уредување и оплеменување на дворната површина, следејќи ги потребите на осудените лица и нивните семејства.

Македонски

