
Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, по повод својот голем јубилеј – 80 години од своето основање и континуирана дејност, организира меѓународна научна конференција под наслов STUDIA CLASSICA ANNIVERSARIA 80 години Институт за класични студии, од 29 ‒ 31 октомври на Филозофскиот факултет во Скопје.
Свеченото отворање на настанот: 29 октомври со почеток во 9:30 часот во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје.
На оваа значајна конференција ќе земат учество преку 60 истакнати научници и истражувачи од Македонија и ширум Европа, вклучувајќи ги Бугарија, Грција, Полска, Словенија, Србија, Хрватска и Шпанија. Во текот на трите конференциски денови, учесниците ќе ги презентираат своите реферати во Свечената сала и во Амфитеатарот бр. 4 на Филозофскиот факултет.
Програмата на конференцијата опфаќа исклучително богати, многубројни и разновидни теми кои ја поврзуваат антиката со современиот свет. Излагањата ќе се зафатат со прашања од старогрчкиот, латинскиот, новогрчкиот, српскиот и македонскиот јазик, а ќе бидат елаборирани теми од областа на античката, средновековната, нововековната и современата книжевност, култура, историја, философија, уметност, лингвистика, реторика, превод, теологија, епистолографија, секојдневие, па дури и древните технологии и ботаника.
Како посебен настан, на вториот ден од конференцијата ќе биде промовирано второто и дополнето издание на „Библиографија на вработените и дипломираните на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“, која претставува значаен сведок за долгогодишниот научен и едукативен придонес на оваа институција. Ова издание, кое што е објавено како Посебено издание бр. 6 на електронското списание Systasis веќе е достапно во дигитална форма на официјалните веб-страници списанието Systasis и на конференцијата sca2026.wordpress.com, каде што може да се најдат и повеќе информации за самата конференција.
Институтот за класични студии ги поканува сите заинтересирани научници, студенти, претставници на медиумите и љубители на класичната култура да присуствуваат на настаните и заеднички да го одбележиме овој голем професионален и национален јубилеј.

Македонски

