
Вториот дел од 11. издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“, чија тема годинава е „Дисензус“, ќе се одржи денеска и утре во Културниот центар „Јадро“ во Скопје.
Во двата фестивалски дена, од 18 до 21 часот, се предвидени седум настани, меѓу кои разговори со автори, промоции на книги и стихозбирки, одбележување на јубилејот на издавачката едиција „Магма“, како и соло-концерт на Мартин Џорлев.
Како и минатата година, фестивалот и во 2026 година се одвива во два дела. Вториот дел е со пократка програма и помалку гости, но организаторите најавуваат разновидна содржина за љубителите на книжевноста и културата.
Денешната програма започнува во 18 часот со разговор за современата црногорска книжевност со Драгана Трипковиќ од Подгорица.
Во 19 часот ќе биде промовиран дистопискиот роман за деца „Прошетка низ иднината“ од Мала Зора, објавен во 1924 година. Вечерната програма, во 20 часот, продолжува со промоција на книгата со раскази „Дали постои живот?“ од Јудита Шалго, со Силвија Дражиќ од Нови Сад како промоторка.
В сабота, програмата започнува во 18 часот со промоција на стихозбирката „Бусен“ од Лилјана Илиќ од Белград, по што следува разговор со авторката.
Во 19 часот, Наташа Атанасова и Ненад Јолдески ќе разговараат со Никола Гелевски, главен уредник на „Магма“ и „Темплум“, по повод 25 години од постоењето и 150 објавени наслови на едицијата „Магма“.
Во 20 часот е закажана промоцијата на книгата „Доживелиците на македонските писатели од улицата ‘Данил Хармс’“ од Пандалф Вулкански, а фестивалот ќе заврши со соло-концерт на Мартин Џорлев, со почеток во 21 часот.
Настаните ќе се одржат во Културниот центар „Јадро“ во Скопје, а фестивалот „Друга приказна“ и годинава ќе понуди простор за средби меѓу автори, читатели и љубители на современата книжевност, преку програмата обединета околу темата „Дисензус“.

Македонски

