
Хармониката на која Марио Стојановски ги учел првите ноти денес ја зема во раце и неговиот син. Ја купил татко му, а Марио сè уште ја чува. Во меѓувреме, од детските настапи стигнал до сопствени аранжмани на македонски народни песни и до албуми што можат да се слушаат на Spotify, Apple Music и на други светски платформи.
Со „Македонска Хармоника“, Стојановски им дава инструментален живот на песни што ги знаеме, но и на такви што заслужуваат повторно да ги откриеме. Целиот звук доаѓа од еден инструмент. Зад него стојат многу вежбање, семејна музичка историја и желба оваа музика да си најде место и кај новата публика.
Во вашето семејство некој постојано свирел. Од каде почнува таа приказна?
Музиката е присутна во нашето семејство со генерации. Прадедо ми свирел кавал, а по него музичката традиција ја продолжиле дедо ми и татко ми. Јас растев со хармониката, а татко ми беше мојот прв и највлијателен учител. Подоцна завршив нижо музичко училиште по хармоника во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Особено ми остана во сеќавање првиот настап во Универзалната сала, на детски фестивал што го водеше Папас-Џокси.
А малата хармоника од детството сè уште е тука?
Да, ја чувам хармониката што ми ја купи татко ми. На неа првпат свиреше и мојот син. Така, истиот инструмент веќе е дел и од неговите први музички искуства.
Француска хармоника, италијанска хармоника… Што ви недостигаше кога решивте да ја снимите „Македонска Хармоника“?
Постојат изданија што ги претставуваат француската, италијанската, полската и други национални традиции. Сакав и македонската хармоника да добие такво место и да се етаблира како препознатлив музички израз. Имаме музика што заслужува да биде претставена на тој начин. Но, за да продолжи да живее, треба континуирано да ја негуваме. Би сакал овие албуми да поттикнат и други колеги хармоникаши да работат во оваа насока.
Како изгледаше вашиот избор на песни, одевте на сигурно со познатите или баравте и нешто подзаборавено?
Има и добро познати песни и такви за кои сметав дека заслужуваат повторно да бидат оживеани. Избирав според мојот музички вкус, но со еден јасен критериум: да бидат македонски народни песни без познат автор. Сакав дел од нив да ги доближам и до генерациите што можеби досега немале можност да ги запознаат. На секоја ѝ посветив подеднакво внимание, па тешко би издвоил една како омилена.
Кога нема глас, бенд или друг инструмент, сè останува на хармониката. Колку работа се крие зад тој звук?
Подготовката траеше значително подолго од снимањето. Јас сум автор на сите аранжмани, а потоа следуваше многу вежбање. Целиот материјал е отсвирен исклучиво на хармоника, без дополнителни инструменти и без други музичари. Снимав кај Марко Дениќ, мој долгогодишен колега и пријател.
Во аранжманите внесов мали варијации и нови музички фрази, но внимавав да го зачувам карактерот на песните. Самата хармоника веќе им дава поинаква звучна форма.
Народна песна меѓу плејлистите на Spotify, може ли токму таму да ја открие некој млад слушател?
Присуството на современите музички платформи ѝ го продолжува животот на традицијата. Албумите се достапни на Spotify, Apple Music, Deezer, TIDAL и YouTube Music, па музиката може да стигне до поширока публика.
Не можам да кажам дека младите не ја сакаат традиционалната музика. Прашањето е колку таа им е пренесена. Сметам дека недоволно ја познаваме сопствената народна музика, па понекогаш ја мешаме со новокомпонираната. За да ја запознаат новите генерации, треба да ја слушаат, а ние треба да продолжиме да ја свириме и да ја пееме.
На секој син му посветивте по еден албум. Што следува по овие лични музички посвети?
Планирам нови изданија на „Македонска Хармоника“, повторно со македонски народни песни и без жанровско разграничување. Проектот го поврзувам и со годините на моето активно музицирање на македонската естрада, а секој од досегашните албуми му го посветив на еден од моите синови. И понатаму сакам преку хармониката да ја доближувам нашата народна музика до што повеќе слушатели.

Македонски

