
Распродадена е претставата „Црно семе“ на македонскиот драматруг Дејан Дуковски, а во режија на Оливер Фрљиќ од Хрватска со која на 26 октомври во 20 часот на големата сцена на Драмскиот театар во Скопје се отвора Меѓународниот театарски фестивал РУТА кој ќе трае до 31 октомври. Претставата е во продукција на Београдско драмско позориште. Поради големиот интерес „Црно семе“ ќе биде изведена и еден ден пред почетокот на РУТА, на 25 октомври, во 20 часот, во Драмски театар.
Вкупно шест претстави од театарите од регионот ќе гостуваат во Скопје, на годинашното издание на РУТА. Програмата ја дополнуваме со уште два сегменти. Едниот е моноРУТА – тоа се неколку монодрамски претстави на нашите партнери од РУТА и воведуваме мастеркласови – тоа ќе бидат три предавања на еминентни стручњаци од областа на театарот. Така што, програмата за ова денешно издание на РУТА е проширена и надградена. И се надевам дека тоа ќе најде добар одѕив не само кај нашата театарска публика, туку и кај нашата стручна публика и луѓето кои што се од театарот, изјави на денешната прес-конференција директорот на Драмски театар Роберт Вељановски, претставувајќи ја програмата на РУТА.
Вељановски кажа дека е големо задоволството што еден драмски текст на македонски автор којшто сè уште нема своја изведба на сцените во Македонија да и биде понуден на македонската публика.
По праизведбата на „Црно злато“ во Белград, текстот на Дуковски во Македонскиот народен театар (МНТ) го режира Слободан Унковски, а премиерата е на 27 ноември.
На 27 октомври доаѓа театарот Улисис од Загреб во копродукциска претстава со театарот САРТР од Сараево, „На чија страна“ од Роналд Харвуд во режија на Ленка Удовички.
Во главни улоги во оваа претстава има две големи ѕвезди на балканскиот театар, на регионалниот театар, тоа се Озрен Грабариќ и Светозар Цветковиќ. И се надевам дека македонската публика ќе има можност да ужива во едно врвно остварување на нашите партнери од Загреб, изјави Вељановски
На 28 октомври е претставата „Змејот“ од Евгениј Шварц, која ја постави македонската режисерка Нела Витошевиќ, продукција на Младинско гледалишче од Љубљана (МГЛ). Витошевиќ неодамна доби награда за најдобра режија, а претставата доби и награда за најдобра сценографија, на Игор Васиљев, а за најдобра костимографија беше наградена Јелена Проковиќ.
Сметам дека е многу важно и за македонскиот театар да се погледнат претставите кои што нашите луѓе ги работат вон границите на државата. Од тука како ексклузива би го најавил Себастијан Каваца еден од легендите на словенечкото глумиште, а македонската публика повторно има можност да се сретне со двајца актери коишто веќе настапуваа на сцената на Драмски театар по копродукцијата која ја работевме минатата година ‘Животот на провинциските плејбои’“, додде аВељановски.
Комедијата „Умри машки“ во режија на Адмир Гламочак, продукција на Камерен театар 55, од Сараево ќе се изведе на 29 октомври. Претставата е поставена во 1990 како дипломска претстава на Татјана Шојиќ и досега е изведена повеќе од 550 пати, со што стана најизведуваната босанскохерцеговска претстава на сите времиња.
На 30 октомври е најавена претсвата „Контра мундум“ (Contra mundum) Центарот за култура Тиват, во режија на Вељко Миќуновиќ, а игра Озрен Грабариќ.
Иако во претставата игра само Грабариќ, сепак, според Вељановски, тоа не е монодрама, бидејќи со актерот, на сцена има и оркестар, кој е дел од претставата,.
Јас особено би им ја препорачал оваа претстава на сите студенти по актерска игра да дојдат на еден веројатно повеќе од мастерклас на Озрен Грабариќ и што сè еден човек може да направи на сцената. Ова е една од највозбудливите претстави коишто јас сум ги гледал во последните шест-седум години, вели Вељановски.
Фестивалот во Драмски се затвора на 31 октомври, со претставата „Љубовта на Федра“ во режија на Дино Мустафиќ од БиХ, а во продукција на Драмски театар.
Оваа година цените на билетите се според блокови: Блокот 1 ги опфаќа сите 6 претстави и чини 6.000 денари. Блокот 2 опфаќа 4 претстави по цена од 5.000 денари. Блокот 3 содржи 4 претстави по цена од 4.000 денари.
Редовната цена за сите претстави е 1.500 денари од 1. до 14. ред, 1.200 денари за 15., 16. и 17. ред, додека за „Љубовта на Федра“ во редовна цена чини 600 денари од 1. до 14. ред и 400 денари за 15., 16. и 17. ред.
Монодрамите се со цена од 300 денари и ќе се играат на Факултетот за драмски уметности од 17 часот.

Македонски

