
Жителите на Општина Брвеница утре ќе излезат на предвремените локални избори за избор на нов градоначалник. Изборите се распишани по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни 2026 година, на 58-годишна возраст.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), денеска своето право на глас ќе го остварат 88 болни и изнемоштени лица.
За градоначалничката функција се натпреваруваат шест кандидати, кои доаѓаат од четири политички блока, додека двајца од нив настапуваат како независни кандидати.
Кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е Стојанчо Радически. Коалицијата предводена од СДСМ го кандидира Јовица Радески.
Меѓу кандидатите се и независниот кандидат Душан Богдановски, Јакуп Усеини од коалицијата ВРЕДИ, независната кандидатка Арифе Идризи и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ).
Во изминатите месеци функцијата вршител на должноста градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески.
ИЗБИРАЧКИТЕ МЕСТА ЌЕ БИДАТ ОТВОРЕНИ ОД 7 ДО 19 ЧАСОТ
Утре гласањето ќе започне во 7 часот наутро и ќе трае до 19 часот, кога ќе се затворат избирачките места.
Во Избирачкиот список за десетте населени места во Општина Брвеница се запишани вкупно 16.256 избирачи. Од нив, 449 се на привремена работа во странство, додека девет избирачи се наоѓаат во затвор или во притвор.
Резултатот од гласањето ќе одлучи кој од шесте кандидати ќе ја преземе градоначалничката функција и ќе ја води општината во следниот период.

Македонски

