
Железничката пруга од Велес до Битола ќе се реконструира, надгради и електрифицира со средства од ИПА 3-програмата на Европската Унија – најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Вчера, имавме состанок за ИПА 2 и ИПА 3 со амбасадорот на ЕУ и неговиот тим и веќе целата делница од Велес до Битола влезе во ИПА 3, која треба да биде усвоена до крајот на годината од ЕУ и веќе од 1 јануари да е оперативна. Секако, ќе има процес на тендерирање, избор на изведувач, изведба, но веќе Велес – Битола влезе како приоритет. Таму одиме со реконструкција, надградба и многу важно електрификација затоа што сега до исклучувањето кај Велес е електрична, а потоа мора да се користи дизел-локомотива. Така што, ако имаме електрична, ем ќе е поевтино ем еколошки е подобро – истакна Николоски во емисијата „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.

Тој најави и набавка на нови возови и локомотиви.
– Се договоривме со Европската банка за обнова и развој за набавка на најмалку 5 електрични локомотиви, нагласувам електрични, тоа е во насока на оваа зелена агенда што ја тераме. И, второ, при крај сме на договор со Светската банка за набавка на 5-7 патнички гарнитури, а дополнително на тоа од сопствени средства, затоа што „МЖ Транспорт“ е веќе во далеку подобра финансиска состојба, очекувам 2 воза да набават сами во текот на следната година. Значи, ќе имаме 9 нови воза во следните 2-3 години и 5 нови локомотиви – истакна вицепремиерот Николоски

Македонски


