Skip to main content

Џез фактори фестивалот Битола по третпат на меѓународната културна сцена во Шангај

Џез Фактори Фестивалот Битола по третпат учествува на Меѓународниот уметнички фестивал во Шангај, Кина и во активностите на меѓународната мрежа за соработка на уметнички фестивали на Патот на свилата. Како претставник е директорот на фестивалот проф.Сашо Поповски. Ова трето учество претставува значаен чекор во континуираното градење културни мостови меѓу Македонија и Кина, промоцијата на македонската џез-сцена и развојот на долгорочни меѓународни партнерства преку музиката и уметноста.
„Посебен акцент во нашата презентација ќе биде ставен на Националната џез-платформа на Македонија, нејзината улога во развојот, поврзувањето и промоцијата на македонската џез-сцена, како и на можностите за унапредување на соработката со кинеските културни институции, фестивали и музичари. Во рамките на нашите активности, посебно внимание ќе посветиме и на можностите за академска соработка и универзитетска размена, преку поврзување на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип со сродни високообразовни институции во Кина. Целта е да се отворат нови перспективи за размена на студенти и професори, заеднички едукативни и уметнички проекти, работилници, мастер-класови и истражувачки активности во областа на џезот и современата музика. Веруваме дека ваквите академски партнерства ќе придонесат кон унапредување на музичкото образование, меѓународната мобилност и долгорочното поврзување на македонската и кинеската музичка и академска заедница“, истакнува проф. Поповски.
Важен дел од активностите во Шангај се и подготовката за јубилејното, 10-то издание на Џез Фактори Фестивал Битола, кое ќе се одржи од 13 до 18 април 2027 година. Во рамките на средбите планирано е потпишување договор за соработка, како и упатување официјална покана до кинески џез-артист за настап на јубилејното издание на фестивалот. Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон продлабочување на културната размена меѓу Македонија и Кина, поврзување на џез-сцените на двете земји и создавање нови можности за заеднички уметнички проекти.
Посебно место во презентацијата ќе има и едукативната програма Jazz Factory for Kids, преку специјалниот проект:
„Jazz Bridges for Inclusive Futures – A European Model for Music, Diversity and Intercultural Collaboration“.
Проектот ја истакнува моќта на музиката како универзален јазик што ги поврзува децата, ги поттикнува инклузијата и креативноста и создава простор за прифаќање на различностите и меѓукултурен дијалог.
„Преку овој проект ја споделуваме нашата визија за европски модел на музичко образование што промовира еднакви можности, активно учество и пристапност за секое дете, без разлика на неговите способности, потекло или културна припадност. Веруваме дека музиката има моќ да ги надмине границите, да ги поврзе заедниците и да придонесе кон поинклузивно и поотворено општество“, додава Поповски.
За Џез Фактори Фестивалот Битола, меѓународните средби не се само можност за претставување на досегашните активности и резултати, туку и простор за создавање нови партнерства, размена на знаења и искуства и развивање иницијативи што оставаат долгорочен културен, образовен и општествен придонес.
Од Битола до Шангај, преку џезот, музичкото образование, академската размена и културната соработка, Џез фактори фестивалот продолжува да гради мостови меѓу Македонија, Кина и Европа – заедно со уметниците, институциите, академската заедница и новите генерации.
Две култури, една универзална музичка приказна – поврзани преку џезот.

Поврзани вести