Skip to main content

Нов регулаторен курс во Европа: Приоритет за примената, а не за нови правила

Единаесет земји членки на Европската Унија, предводени од Австрија, предлагаат 12-месечна пауза во усвојувањето нови европски законодавни иницијативи, за институциите да го насочат вниманието кон поедноставување на постојната регулатива и осигурување на нејзина поефикасна примена. Во заедничкиот документ, поддржан од Германија, Италија, Полска, Данска, Чешка, Словачка, Словенија, Литванија, Португалија и Унгарија, се нагласува дека приоритет треба да биде доследното спроведување на веќе донесените правила, наместо континуирано воведување нови законски обврски.

Предлогот доаѓа во период кога Европската комисија веќе подготвува пакет мерки за намалување на административниот товар и зајакнување на конкурентноста на европската економија. Земјите предлагаат секоја нова законодавна иницијатива да биде проследена со детална проценка на нејзиното влијание врз економијата и конкурентноста, како и со редовни ревизии на постојните правила на секои пет години.

Според австриската министерка за Европа, Клаудија Бауер, наместо нов бран законодавни иницијативи, ЕУ треба да спроведе сеопфатна анализа на постојното законодавство и да обезбеди негова доследна примена. Како што нагласува Бауер, целта не е дерегулација, туку поефикасна и попрактична регулаторна рамка што ќе создаде простор за раст, инвестиции и поголема конкурентност.

За Македонија, која се наоѓа во клучна фаза од процесот на пристапување кон Европската Унија, оваа иницијатива има особена тежина. Eвропското законодавство не треба да значи само преземање нови правила, туку усогласување со нашата правна рамка и нивна доследна и ефикасна примена во праксата. Европските институции и земјите кандидати се соочуваат со сè посложени регулаторни барања, така што квалитетот на правилата станува подеднакво важен како и нивниот број. Подобрата имплементација, реалната проценка на економските ефекти и отстранувањето на непотребната административна комплексност не се само технички прашања, туку клучни услови за одржлив раст, стабилна деловна клима и посилна позиција на европскиот и регионалните пазари. Поедноставна и попредвидлива регулаторна рамка значи поголема правна сигурност, помал административен товар и јасни услови за работење.

Вистинскиот тест за европската интеграција на Македонија нема да биде колку правила сме презеле, туку дали сме изградиле систем што функционира – систем што ги поттикнува инвестициите, ја ослободува енергијата на домашниот бизнис и создава економија способна рамноправно да се натпреварува на единствениот европски пазар. Затоа, подобрата регулатива не е административна цел, туку економска политика и директен влог во идниот раст на земјата.