Skip to main content

Јоргос Папандреу: ЕУ треба да се вклучи поактивно во решавање на спорот со Бугарија

Вистинска трагедија е што приклучувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија трае олку долго, порача поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Папандреу, во синоќешното ексклузивно обраќање за „Надворешна” на МРТ.

Тој како еден од клучните автори на познатата Солунска агенда од Самитот во Солун во 2003, каде ЕУ за првпат се обврза и даде ветување за европската иднина на сите држави од Западен Балкан, коментирајќи го новиот документ на Комисијата за проширувањето вели дека не смее да им се дозволи на земјите членки правото на вето да го користат против самиот европски процес.

Затоа Папандреу ја повика ЕУ директно да се вклучи во олеснување и помош за решавање и на нашиот спор со Бугарија, но и на постоечките билатерални прашања на Балканот.

ЕУ треба да биде повеќе инволвирана и да помага. Ова не се однесува само за проблемот меѓу Бугарија и Македонија, туку мислам и на други членки од Западен Балкан, кои можат да се придружат, некои порано од други и уште да имате проблем – Косово, Србија, БиХ… ова се прашања каде ЕУ треба да има улога и коишто ако не се решат позитивно можат да станат идни проблеми внатре во ЕУ. Значи мислам дека ние мора да имаме, Европа мора да има не само позитивен поглед, туку да биде поактивна и да се труди да ги реши сите овие прашања. И тоа не само легалистички – туку навистина директно да се вклучи и да ги земе предвид сите приоритети и грижи и на различните членки, но и на кандидатите, рече Папандреу на МРТ.