
Капитенот на швајцарската фудбалска репрезентација и на Сандерленд, Гранит Џака, доби условна казна во износ од 150.000 швајцарски франци откако призна дека користел лажен сертификат за вакцинација против КОВИД-19.
Триесетичетиригодишниот Џака денеска во објава на социјалните мрежи ги потврди деталите за казната, која се состои од 50 дневни износи од по 3.000 швајцарски франци. Џака, сепак, нема да мора да ја плати сумата ако не стори нов прекршок за време на двегодишниот условен период.
Судските трошоци, како што потврди, веќе се платени.
„Пред неколку недели лично се огласив и реков дека ќе ја преземам одговорноста за мојата одлука. Сè уште стојам зад тоа“, напиша Џака на Инстаграм.
Швајцарскиот репрезентативец минатиот месец призна дека го добил лажниот сертификат во период во кој, како што рече, имал длабока недоверба кон вакцините против КОВИД-19 и сериозни сомнежи за вакцинацијата.
Случајот имаше последици и за неговата репрезентативна кариера. По признанието на Џака, претседателот на Швајцарската фудбалска асоцијација, Петер Кнабел, потврди дека играчот од средниот ред не бил вклучен во националниот тим на последниот собир.
Поради ова, Џака ги пропушти четири натпревари од Лигата на нации – двата против Македонија, како и дуелот против Шкотска и Словенија

Македонски


