Skip to main content

Серафимовски: Со 9,5 милиони евра ги намалуваме трошоците за нафта на земјоделците – започна распределбата на 48.037 картички за зелена нафта

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски утринава ги додели првите картички за зелена нафта во Свети Николе, а потоа им врачи картички и на земјоделците во Битола, каде што во изјава за медиумите соопшти дека од денес започна распределбата на вкупно 48.037 картички, за која се обезбедени 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра.

„Финансиската поддршка започна да стигнува до земјоделците во период кога имаат потреба за вложување во есенската подготовка на почвата, за купување на семенски материјал и ѓубрива, како и за одржување на механизацијата. Приходите од родот доаѓаат подоцна, а трошоците се прават сега. Затоа, зелената нафта има непосредна практична вредност за секој земјоделец во државата“, рече министерот Серафимовски.

Тој појасни дека мерката се спроведува преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, а износот за секој корисник се утврдува според површините и културите пријавени во барањата за директни плаќања во 2025 година.

„Помошта се движи од 3.200 до 12.000 денари по хектар. За пченица, јачмен, пченка, ориз и другите култури во таа група изнесува 3.200 денари, а за сончоглед, маслодајна репка, луцерка и останатите култури во соодветната категорија – 4.800 денари по хектар. За градинарските култури опфатени со мерката и за лозовите насади се предвидени 9.600 денари по хектар. За јаболко, круша, слива, праска и другите овошни култури во оваа група износот е 12.000 денари, а за дуња, калинка, бадем, лешник и останатите култури во нивната категорија – 8.800 денари. За тутунот помошта е 11.000 денари, а за оревите и питомите костени – 6.000 денари по хектар“, изјави министерот Серафимовски.

Поврзани вести