
Поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга Силија Флорес би можеле да се соочат со дополнителни обвиненија за тортура во САД, неколку месеци откако беа заробени од американските сили, објавија телевизиските мрежи Си-Би-Ес и Си-Ен-Ен.
Новите обвиненија би можеле да бидат објавени денеска од страна на обвинителите во Њујорк, објави Си-Ен-Ен.
Покрај постојните обвиненија за „наркотероризам“, американските обвинители наводно се подготвуваат да го обвинат Мадуро за „тортура врз американски државјани“ кои биле затворени во Венецуела. Новите наводи се однесуваат на незаконското притворање и мачење на повеќе од десет американски граѓани во венецуелските затвори за време на неговиот мандат.
САД веќе ги обвинија Мадуро и Флорес за кривични дела кои вклучуваат наркотероризам, а нивниот судски процес е закажан да започне на 1 јуни 2027 година. За 63-годишниот Мадуро се тврди дека ја искористил претседателската функција и претходните владини позиции за, во тек на повеќе години, да го олесни шверцот на илјадници тони кокаин во САД.
Мадуро и Флорес ги негираат сите обвиненија и го обвинуваат Вашингтон за киднапирање. Двајцата од тогаш се наоѓаат во притвор во њујоршката област Бруклин.
Во јануари, тој и сопругата беа заробени од американските специјални сили во венецуелскиот главен град Каракас во контроверзна операција, која критичарите ја опишаа како кршење на меѓународното право. Оттогаш, Вашингтон и новото венецуелско раководство ја продлабочија соработката, особено во нафтениот сектор.
Мадуро ја предводеше земјата како шеф на социјалистичката влада од 2013 до 2026 година, управувајќи на авторитарен начин. За време на неговиот мандат, економијата на Венецуела, која ги поседува најголемите докажани резерви на нафта во светот, беше погодена од лошо управување, корупција и меѓународни санкции.

Македонски


