
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, ќе се сретнат денеска во Софија, на маргините од Меѓународната конференција за развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8.
Средбата е и официјално потврдена, а како што информира вчера премиерот Христијан Мицкоски, форматот и начинот на нејзиното одржување дополнително ќе бидат утврдени.
-Во текот вчерашниот ден добивме официјална потврда за билатерална средба, а форматот и начинот дополнително стои во дипломатската нота дека ќе бидат договорени. Така што утре ќе има билатерална средба, ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, дали ќе биде pull-aside, дали ќе биде билатерална на маргините на Самитот за Коридорот 8. Сепак е ова мултилатерален настан, да видиме како тоа домаќинот ќе го организира – изјави вчера Мицкоски.
За пораките што ќе бидат испратени на средбата истакна дека во фокусот ќе биде потенцирањето дека само со дијалог може да се надмине моменталната состојба.
-Нашите пораките се јасни, дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во којашто во моментот се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и ние сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслуживме – рече Мицкоски.
Иницијативата за средбата произлезе за време на неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје. Мицкоски на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен, на која порача дека Европската Унија би требало да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија и да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, а обврските ќе важат за сите, изјави и дека од неа добил совет како еден од чекорите за приближување за ставовите да биде токму престојната средба.

Македонски


