Skip to main content

Трајков од Белград за женското лидерство: Кога една жена ќе успее, таа треба да ја отвори вратата за друга

Фото: Министерство за европски прашања

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков учествуваше на Втората конференција посветена на женското лидерство, организирана од Владата на Република Србија.

На конференцијата, како што соопшти Министерството за европски прашања, се отвориле прашања поврзани со унапредувањето на улогата на жените во лидерството, политиката, економијата и општеството. На настанот се обратила и поранешната прва дама на Србија, Тамара Вучиќ.

Заменик-министерката се осврнала на потребата од создавање нова генерација жени лидери и посилно регионално поврзување, истакнувајќи дека иднината на Западен Балкан зависи и од квалитетот на соработката меѓу жените од регионот.

„Жените не треба да бидат само корисници на политиките, туку и креатори на политиките“, порачала Трајков, нагласувајќи дека политичкото учество на жените не е само прашање на еднаквост, туку и прашање на квалитетот на демократијата.

Таа посочила дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици, но токму заедничките искуства претставуваат можност за градење регионални решенија.

Како особено важни области за соработка ги издоила образованието и развојот на вештините, економското зајакнување и претприемништвото, политичкото учество на жените, дигиталната трансформација и пристапот до новите технологии, како и спречувањето и борбата против насилството врз жените и девојчињата.

Заменик-министерката за европски прашања посебно ја нагласила важноста на менторството и поддршката на младите жени, посочувајќи дека жените кои денес се на лидерски позиции имаат одговорност да го пренесат своето знаење и искуство на генерациите што доаѓаат.

„Кога една жена ќе успее, таа треба да ја отвори вратата за друга“, истакнала Трајков, нагласувајќи ја потребата од создавање систем во кој младите жени ќе имаат пристап до образование, менторство, професионални мрежи, лидерски можности и процесите на донесување одлуки.

Во контекст на технолошкиот развој, заменик-министерката за европски прашања се осврнала и на можностите и ризиците што ги носат вештачката интелигенција и дигитализацијата. Таа порачала дека жените не треба да бидат само корисници на новите технологии, туку и нивни креатори, иноватори, истражувачки, претприемачки и носители на одлуки.

На настанот било истакнато и значењето на партнерствата меѓу институциите, бизнис-секторот, академската заедница, граѓанското општество и младите, како основа за создавање поинклузивна иднина.

„Нашата иднина не е однапред напишана. Ние ја испишуваме. И ако ја испишуваме заедно, таа ќе биде посилна, поправедна и поуспешна“, порачала Трајков, повикувајќи на посилна регионална мрежа на жени кои заеднички ќе создаваат нови можности и ќе придонесуваат кон развојот на своите општества.

Учеството на заменик-министерката Трајков на настанот во Белград, како што велат од МЕП, претставува можност за дополнително зајакнување на регионалниот дијалог и размена на искуства во областа на женското лидерство, со посебен фокус на младите жени и нивната активна улога во креирањето на иднината на регионот.

Извор: МКД.мк

Поврзани вести