
Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во Штип ќе се реконструира оваа година. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска, при посетата на општините Штип и Карбинци, најави дека во тек е тендерската постапка за избор на фирма за реконструкција на овој дом.
Овој студентски дом е во вториот лот. Во моментот е евалуацијата и мислам дека се ближи отворањето и штом ќе се заврши со тендерот, веќе ќе може операторот што ќе го добие тендерот да почне да работи. Очекувам уште во текот на оваа година – рече Јаневска.
Прашана кога ќе почне реконструкцијата на Државното средно училиште (ДСУ) „Коле Нехтенин“ – Штип, кое е регионален електромашински училиштен центар, Јаневска вели дека сите државни регионални центри ќе бидат реконструирани и обновени за да имаат учениците соодветни услови за работа, а секако и наставниците.
Тоа значи седум, каде што реконструкцијата ќе биде поопсежна, и осмиот, каде што помалку ќе треба да се вложи. „Коле Нехтенин“ е првиот регионален центар во кој ние ќе почнеме со реконструкција. Во моментот се доработуваат проектите за сите седум регионални центри и веднаш штом ќе бидат завршени, ќе пристапиме кон операционализирање на она што треба – изјави Јаневска по пуштањето во употреба на спортската сала во ООУ „Димитар Влахов“ во Штип.

Македонски


