
Изложбата Пикасо: Сликата на музејот- избор на делата од колекцијата на МСУ ќе се одржи на 14 октомври со почеток во 12 часот.
Со текот на времето некои дела стануваат повеќе од само предмети во музејската колекција, туку тие се нејзини препознатливи знаци. Таков статус во историјата на Музејот на современата уметност – Скопје има делото „Глава на жена“ (1963) од Пабло Пикасо. Насликана во период кога Пикасо веќе е централна фигура на европската и светската модерна уметност, оваа слика во Скопје добива и поинаква, локална историја. Таа не е само дело од музејската колекција, туку и еден од визуелните симболи преку кои колекцијата, музејот и неговата специфична историја стануваат видливи пред јавноста.
Токму затоа оваа изложба не ја поставува „Глава на жена“ само како ремек-дело кое треба повторно да се види изолирано од контекстот. Наместо тоа, тргнува од прашањето што се случува со едно дело откако ќе стане дел од музејот, како се менува неговото значење кога од оригинална слика се распространува како репродукција, фотографија, плакат, или образовен материјал? Како едно дело може да биде истовремено физички предмет, визуелен знак, меморија и средство за комуникација?
Изложбата која се развива низ три меѓусебно поврзани насоки, се обидува да даде одговор на тоа како од една иконична слика повторно можат да се отворат низа други прашања и манифестации на визуелната култура.
Изложбата, во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје, на тој начин отвора можност повторно да се погледне едно од најпрепознатливите дела на МСУ-Скопје, но и да се види она што обично е околу него: неговите репродукции, архивски траги, образовни екстензии, историски врски и неговите уметнички соговорници. Така, станува појасно дека музејската колекција не е само збир на предмети, туку таа е систем од односи што постојано се менуваат. Во тој постојан премин од едно значење кон друго, делото на Пикасо, секогаш се чини како добар повод за ново читање на живата историја на Музејот на современата уметност – Скопје.
Каталогот и изложбата се реализирани со финансиска помош на Амбасадата на Шпанија во Скопје.

Македонски


