
Извештајот за раст и работни места на Светската банка е добра основа за понатамошни реформи што Владата треба да ги дозаврши, некои се започнати, а други ќе почнат во периодот што следува – истакна премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на презентацијата на новиот извештај на Светската банка – „Македонија: Излез од стапицата на среден доход“.
Според него, приоритетите на Владата во реализирањето на политиките уште од самиот почеток во голема мера се придвижени, но почнато е од една состојба во која, како што нагласи, било тешко да се фати крај со крај.
Приоритет на Владата, нагласи Мицкоски, од самото доаѓање биле инфраструктурата и предизвиците што ги наследиле.
Тука, пред сѐ, мислам на експресните патишта, кои имаат свои предизвици за да бидат дозавршени, и тоа на брз начин се заврши и можам да кажам дека со завршувањето на тие експресни патишта денеска имаме многу подобар квалитет на транспортот во државата. Но она што претставуваше за нас поголем приоритет и поголем предизвик, тоа беше реализацијата на проект што во тоа време, освен авансот, не беше ништо друго направено, тоа беше проектот за изработка на Коридорот 8 и Коридорот 10 Д. Едноставно, беше исплатен само авансот, потпишани одредени договори и буквално реализацијата на терен и експропријацијата беа сведени на нула – истакна Мицкоски.
Тој притоа посочи дека очекува в година првите 10-15 километри на една од делниците на Коридорот 10 Д да биде пуштена за сообраќај.
Предизвик, истакна, било како да го канализираат тој проект за да може да ја зголемат реализацијата, но во исто време и да ја забрзаат изградбата за да дојдат до фаза кога Јавното претпријатие за државни патишта ќе може да наплаќа од користењето на овие проекти.
Но, работата беше таква што, имајќи ги предвид претконтекстот и состојбата во која се наоѓаме, ние одлучивме да влеземе во робусна реализација на тој проект и денеска можам да кажам дека 95 проценти од сите предизвици што се на товар на Владата се завршени. Другите 5 отсто ќе бидат дозавршени. Сега останува на изведувачот, но она што за мене претставува задоволство е фактот што реализацијата на терен од месец на месец се зголемува – рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на проектот за изградба на автопатот Кичево – Охрид за кој рече дека очекува на крајот на октомври да биде пуштена делницата од Извор до Врбјани, а во првата половина на следната година целосно да биде функционален овој автопат.
Со интензивни работи и консолидирање на силите на терен и оној предизвик што го имавме, бидејќи не беше продолжен заемот од заемодавателот, благодарение на комерцијалните банки во Македонија успеавме да го консолидираме финансиски тој проект, да обезбедиме потенцијал и да продолжиме со негова реализација – додаде Мицкоски.
Значајни во инфраструктурата, нагласи, се проектите Блаце – Скопје, чија реализација е во тек, а набргу очекува и почнување на отсечката од Букојчани до Кичево, со што целосно ќе заврши Коридорот 8 западната страна, а тоа е Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Букојчани – Кичево, Кичево – Охрид.
Зошто ова го зборувам? Затоа што сега имаме предизвици што не се лесни, особено имајќи ги предвид околностите во светот, имајќи ги предвид сите оние предизвици што се случуваат во нашето поблиско или пошироко соседство. Претставува навистина предизвик да се обезбедат и финансиски ресурси, но и и луѓе и квалификувана работна сила за да може да се испорачаат овие проекти, но еве успеавме да се организираме и од никаде да дојдеме до ситуација во која веќе можеме да правиме план како да дојдеме до крајот на реализацијата на овие проекти – рече Мицкоски.
Во делот на железницата, додаде, предизвик претставувала втората секција од источното крило на Коридорот 8 до Крива Паланка, што, според него, напредува многу побргу од очекваното.
Во делот на енергетиката, која, нагласи, била главен приоритет, оваа година од месец на месец се движиме на 93, 95, 96 проценти од сопствено производство, што го покрива конзумот на потрошувачите.
Што значи имаме помалку увоз на електрична енергија. Тоа е нешто што за нас е важно, а целта на Владата беше до крајот на мандатот да бидеме нето-нула, односно кога ќе се одземат увозот, односно производството и конзумот, на крајот да имаме состојба нула. Јас ценам дека таа состојба, ако сѐ биде како што треба, ќе ја постигнеме веќе в година. Да, во одредени периоди од годината ќе имаме увоз, во одредени периоди ќе имаме извоз, но нето-вредноста на крајот на годината ќе произведеме можеби повеќе отколку што ќе потрошиме – рече Мицкоски.
Во меѓувреме, додаде, се забрза и се интензивира изградбата на гасниот интерконектор со јужниот сосед и очекува во првата половина од следната година да биде синхронизиран и да биде пуштен во употреба. Со сопствени средства, истакна, Владата почна да го гради северниот гасен интерконектор.
Целта ни е Коридорот 10, покрај автопатско, железничко, да има и електроенергетско, да има и гасно поврзување, исто како што ни е целта да биде и Коридорот 8 на овој начин поставен. Така што, очекувам овој северен интерконектор со нашиот северен сосед да биде завршен некаде до крајот на 2028 година и целосно синхронизиран на целата територија кај нас, со што практично гасниот терминал во Александруполи ќе го поврземе со централна Европа – рече Мицкоски.
Со завршувањето на сите овие проекти, рече, значително ќе се зајакне геостратешката положба на земјата.
Вештачката интелегенција и податочните центри се неминовен процес и очекува дека државата ќе може да понуди услуга на потенцијалните инвеститори. Со тоа очекува можност за високо платени, квалитетни работни места, што ќе придонесат позитивно во македонската економија.(МИА)

Македонски


