Skip to main content

Откриени се повеќе од 4,5 илјади лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност, вели Мицкоски

Повеќе од 4.500 „лажни корисници“ на гарантирана минимална помош и социјална сигурност биле откриени при проверките што ги спроведуваат надлежните институции, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, меѓу лицата за кои од државниот буџет се исплаќале средства имало починати, иселени граѓани, како и фиктивни корисници.

„До овој момент имаме повеќе од 4,5 илјади, значи не 45, не 450, туку 4,5 илјади лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека по спроведените анализи и проверки на терен, износот за исплата овој месец е за околу 200 милиони денари помал во споредба со истиот период минатата година.

„Како е тоа возможно? Возможно е затоа што корисници биле, за жал, починати луѓе, отселени луѓе, лажни луѓе и така натаму“, рече премиерот.

Според неговите проценки, на годишно ниво за вакви исплати од државниот буџет се трошеле повеќе од една милијарда денари, а сумата во одредени пресметки достигнувала и до 1,5 милијарди денари.

Мицкоски нагласи дека проверките сè уште не се целосно завршени. Како што посочи, останува да бидат проверени уште приближно една петтина до една шестина од вкупниот број корисници.

Тој најави дека контролите нема да завршат само со гарантираната минимална помош и социјалната сигурност, туку дека проверки ќе има и во други области, посочувајќи го и здравствениот сектор.

Премиерот оцени дека финансискиот ефект од досегашната проверка изнесува околу 25 милиони евра на годишно ниво.

„Некој ќе рече: ‘Добро, па тоа е една обична проверка, за каква реформа зборувате?’ Реформа која е 25 милиони евра“, рече Мицкоски.

Според него, доколку преку слични проверки и мерки се постигнат заштеди и во други сектори, ослободените средства би можеле да се насочат кон капитални инвестиции, кои понатаму би придонеле за создавање подобри услови за нови инвестиции и економски развој.

Поврзани вести