
Нова фармацевтска молекула, што во претклиничките испитувања успеала да ја обнови способноста за учење и паметење кај животни со симптоми на Алцхајмер, открил грчкиот истражувач д-р Јоргос Скретас, заедно со неговиот тим од Истражувачкиот центар за биомедицински науки „Александрос Флеминг“, Националната фондација за истражувања и компанијата „ResQ Biotech“, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за молекулата RSQ-020, насочена кон протеинот Тау, што кога неправилно се свиткува и создава наслаги, е одговорен за појава на повеќе сериозни невродегенеративни заболувања.
Научниот тим ја открил молекулата преку модифицирање на бактерии кои произведуваат милијарди потенцијални молекули, а истовремено ги тестираат за нивната функционалност, со цел да ги откријат оние што имаат способност да ги поправат протеините кои неправилно се свиткале.
Класичниот начин на откривање лекови за болести предизвикани од неправилно свиткување на протеините бара клуч (молекула-потенцијален лек) што одговара на брава (целниот протеин). Но, овие протеини, што најчесто се поврзани со невродегенеративните заболувања, немаат стабилна брава, туку постојано ја менуваат својата форма. Затоа, и покрај децениските истражувања и инвестираните милијарди, речиси ниту една од овие болести нема терапија што го запира нејзиното напредување. Ние не го бараме клучот што одговара на бравата. Директно го бараме она што ја врши работата како што треба, односно она што ја отвора вратата. А како го наоѓаме? Ја гледаме вратата како се отвора: бидејќи кога тоа ќе се случи, во нашите бактерии одеднаш се вклучува силна зелена светло!, објаснува д-р Скретас за АНА-МПА.
Грчката државна агенција пишува дека ова, всушност значи дека истражувачите го произведуваат човечкиот протеин во бактерии, кои се програмирани да светат само кога протеинот ќе престане да се свиткува на неправилен начин, а паралелно, самите бактерии произведуваат милијарди различни мали молекули, при што секоја од нив испробува различно решение и кога некоја од клетките ќе засвети им покажува на истражувачите дека во неа се наоѓа молекула што функционирала.
Кога овој метод бил применет на протеинот Тау, била откриена молекулата RSQ-020, која се чини дека делува дури и откако веќе е започната болеста, што дава надеж за пациентите со Алцхајмер, но сепак истражувањето на научниот тим продолжува со другите фази, да се испита дали овие резултати можат да покажат слична ефикасност и кај глувци, за што, според АНА-МПА ќе биде потребно да се обезбедат дополнителни финансиски средства.
Сепак, доколку методот се покаже успешен и кај глувците, тогаш брзо ќе се премине и на фазите што им претходат на испитувањата врз луѓе, а според процените на Скреатас, во тој случај резултатите би можеле да бидат доволно охрабрувачки за да се оправда започнувањето клинички испитувања во текот на следните три години, пишува грчката новинска агенција.

Македонски


