
На 8 октомври, со почеток во 21 часот, Public Room ќе биде местото каде што „Holymood“, најновиот албум на Џоле Максимовски и неговиот авторски проект Maksimovski United, ќе ја напушти студиската форма и ќе се претвори во живо музичко искуство.
„Holymood“ не е само наслов на албум. За Максимовски, тоа е чувство – она место во кое човекот стигнува кога го прави она што најмногу го исполнува. Токму од оваа лична филозофија произлегува музиката која ги поврзува џезот, хип-хопот, фанкот и традиционалната музика, без притоа да се оптоварува со жанровски граници.
Никогаш не размислувам за тоа во кој стил пливам. Едноставно, мелодијата и грувот во песната ме носат таму каде што е најдобро“, вели Максимовски.

Албумот е создаван постепено, без бркање рокови и без однапред зададена рамка. Дел од композициите постоеле како идеи со години, а процесот започнал со едноставно снимање на она што Максимовски го свирел, за потоа, со помош на соработниците, тие музички фрагменти да добијат аранжман и конечен звук.
Особена вредност на „Holymood“ е токму колективната енергија. На албумот учествуваат музичари со кои Максимовски го поврзуваат долгогодишна соработка и пријателство, а нивниот индивидуален пристап станува дел од конечната авторска слика.
Луѓето кои се на снимката го прават звукот. Инаку, ќе земев и ќе си ги отсвирев сите инструменти јас – и ќе беше лошо. Довербата во луѓето околу мене и нивните совети многу ми значат. Тоа се вика соработка“, вели тој.
Како басист, Максимовски е навикнат да го гради звукот од позиција која често се доживува како „позадина“. Но, во Maksimovski United тој ја презема и улогата на автор кој ја замислува пошироката музичка слика.
Басот е алката меѓу ритамот и мелодијата, хармонијата, така да не сум некое типче од позади грмушката“, вели Максимовски, опишувајќи ја својата перспектива која, како што додава, постојано се менува.
„Holymood“ е и своевиден музички мозаик на различни периоди и расположенија. Првите песни се создадени во период кога музичарите не можеле слободно да настапуваат и да се изразуваат, што на албумот му дава дополнителна лична димензија.
Музиката лекува, нè носи во подобар свет. Свирењето ни создава нови вијуги, го лекува немирот, прави мир или обратно – ако е многу мирно, го бранува езерото“, вели Максимовски.
На концертната промоција во Public Room публиката ќе има можност да ги слушне композициите од „Holymood“, но и неколку сосема нови композиции, како и да биде дел од музичко патување низ различни стилови и звучни пејзажи, со најавени гости на сцената.
А што да очекува публиката?
Би сакал публиката да се опушти… ќе има шетање низ стиловите, убави гости итн. Каде ќе отидеме не откривам сосема, но верувам дека луѓето од промоцијата ќе си понесат убава меморија, смирени нерви и можеби и некое ЦД“, вели Максимовски.
За него, „Holymood“ не е начин да се избега од реалноста. Напротив.
„Holymood е мојата реалност, нема бегање, само отвореност и разбирање.“

Македонски


