Skip to main content

Во Музејот на Македонија отворена изложбата „Вонредни текстили на Мексико“

Во Музејот на Македонија официјално беше отворена изложбата „Вонредни текстили на Мексико“, по повод одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Соединетите Мексикански Држави и Македонија, пренесува Журнал.мк.

Изложбата ја отворија почесниот конзул на Мексико во Македонија, Албан Малиќи, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вршителот на должност амбасадор на Мексико, Флор де Лис Васкез Муњоз, како и директорот на Музејот на Македонија, Александар Ристевски.

На свеченото отворање присуствуваа бројни претставници на Владата на Република Македонија, амбасадори и членови на дипломатскиот кор, како и истакнати претставници од културниот и јавниот сектор.

Преку традиционалните текстили, боите, мотивите и занаетчиските техники, изложбата го претставува богатото културно наследство на Мексико, создавајќи културен мост меѓу двете земји и народи.

Почесниот конзул на Мексико во Македонија, Албан Малиќи, ја истакна важноста на изложбата за продлабочување на културните врски меѓу двете земји.

Беше голема чест, како почесен конзул на Мексико во Македонија, да ја отворам изложбата „Извонредните текстили на Мексико“ во Музејот на Македонија, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вршителката на должноста во Амбасадата на Мексико, Флор де Лис Васкез Муњоз, како и директорот на Музејот на Македонија, Александар Ристевски.

Исто така, имавме чест да ги имаме меѓу присутните првиот вицепремиер Беким Сали, мојот пријател и градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, како и бројни претставници на дипломатскиот кор, амбасадори, истакнати гости и пријатели.

Оваа извонредна изложба ни овозможи да ги откриеме традиционалните носии и текстили кои претставуваат различни региони и заедници во Мексико, од кои секоја ја носи својата историја, идентитет, бои и традиции.

Оваа културна разновидност е едно од најголемите богатства на Мексико. На многу начини, таа е нешто што двете наши земји го имаат заедничко. Македонија, исто така, е дом на различни заедници, секоја со свои традиции, културно наследство и традиционални носии. Оваа разновидност не е само нешто што треба да се зачува и прославува, туку претставува посебно богатство и дополнителна вредност за двете наши земји.

Ваквите настани нè потсетуваат дека, и покрај географската оддалеченост меѓу нашите земји, културата нè зближува и нè поврзува преку традициите и идентитетот, изјави Малиќи.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 2 ноември 2026 година.

Настанот е дел од одбележувањето на 25 години дипломатски односи и има за цел да ја промовира културната размена и зближувањето меѓу Македонија и Мексико.

Поврзани вести