
Постапката за упатување на осигурениците пред лекарска комисија по 15. ден од боледувањето ќе се дигитализира, најавува директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински.
Досега, кога било потребно продолжување на боледувањето пред лекарска комисија, матичниот лекар морал рачно да подготвува предлог.
Со предложените измени документот ќе може да се изготвува и доставува електронски, преку ПСР-образецот – „Предлог за привремена спреченост за работа“.
Според Перински, со ова ќе се поедностави постапката и ќе се намали административната работа на матичните лекари.
Тој нагласува дека во јавната дебата во преден план биле петте дена и најавените контроли, додека олеснувањата предвидени со измените останале во сенка.
– Имаме две паралелни цели: критериумите да бидат медицински оправдани и контролата да биде поефикасна, но истовремено да ги отстраниме непотребните административни чекори таму каде што тие не му носат ништо ниту на пациентот ниту на лекарот – вели Перински.

Македонски


