Skip to main content

АКТО завршува со „Бистро на еден ден” во дворот на Железничката зграда

Со настанот „Бистро на еден ден”, утре, 4 октомври, се затвора 21. издание на фестивалот АКТО. Во периодот од 12 до 16 часот, во дворот на Железничката зграда (ул. Борка Талески бр.26, Скопје) ќе се одржи интервенција во јавен простор, едукативна програма за деца, музичка програма и перформативно готвење во живо.

Настанот БИСТРО НА ЕДЕН ДЕН претставува еден од серијата јавни настани/интервенции, развиени во рамките на едукативната платформа ,,Градот како сцена: Изведување на јавниот простор”. Еден од главните фокуси во рамките на оваа платформа е активирање на просторот на киното во Железничката зграда, како потенцијален заеднички простор за пошироката заедница на граѓани.

Програмата вклучува перформативен настан „Ручаме солидарно” – готвење со колективот ХНУ перформанс и SCEN[ски] дизајн, музички настап на Хана Корнети (12:00) и винил DJ сетови на Chvare (13:00) и SHEF SHEF (15:00). За најмладите е подготвена детската ликовна работилница „Креативна игра”, а дел од настанот се и креативната работилница 5 до 12, The Dude Specialty Coffee, пиварата БАК, како и издавачките куќи ИЛИ-ИЛИ и Шарла.

Влезот е слободен.

Со овој завршен настан, посветен на заедницата и јавниот простор, 21. АКТО [26] ја заокружува петдневната програма, која вклучуваше изведба на перформативен радио есеј, Лабораторија за перформативно-просторни практики, предавање на проф. Радивоје Динуловиќ и доделување на наградата ДЕНЕС 2026.

Проектот 21. АКТО фестивал за современи уметности е поддржан од Гете институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Македонија, како и преку проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд.

Поврзани вести