Skip to main content

Трамп ја почна кампањата пред изборите за Конгресот

Американскиот претседател Доналд Трамп почна 32-дневна предизборна кампања со обиколка на Тексас и Оклахома, настојувајќи да ги зајакне позициите на републиканските кандидати додека неговата партија се бори да го зачува тесното мнозинство во Конгресот на изборите во ноември.

Трамп сака да биде главното лице на партиската кампања за меѓуизборите и планира да учествува во низа неизвесни трки за Претставничкиот дом и Сенатот.

– Ве молам, гласајте како јас да се кандидирам – рече Трамп вчера на собирот во Дјурант, Оклахома.

Трамп ја почна кампањата во области каде што републиканците традиционално уверливо победуваат, прво во Дентон, Тексас, а потоа во Оклахома, настојувајќи да создаде замав пред да влезе во понеизвесни изборни трки.

По пристигнувањето во Тексас, Трамп изјави дека неговите патувања оваа недела, вклучително и посетата на Алабама денеска, се знак на „почит“ кон сојузните држави што го поддржаа во неговите три претседателски кампањи.

Во 55-минутниот говор во Дентон, Трамп порача дека целосно се вклучува во републиканската кампања за меѓуизборите.

– Никогаш претходно не сум бил толку посветен на ова – рече тој и изрази загриженост за резултатите на републиканските кандидати во некои клучни сојузни држави.

– Загрижени сме за Мичиген, Тексас и уште неколку сојузни држави – им рече тој на присутните во Оклахома и ги повика да ги поттикнат своите пријатели во другите држави да излезат на гласање.

Трамп во средата, на настан во Белата куќа, изјави дека досега не ги претставил доволно добро резултатите од својата економска политика откако во јануари 2025 година се врати во Белата куќа.

– Ги имаме најдобрите бројки од кој било претседател во историјата на нашата земја, а не успевам тоа доволно добро да ѝ го претставам на јавноста – рече Трамп вчера на собирот во Тексас.

Тексас е една од осумте сојузни држави во кои трката за место во Сенатот се смета за неизвесна.

Републиканскиот кандидат за Сенатот Кен Пакстон, главен државен обвинител на Тексас, вчера се појави со Трамп, ден по објавувањето на снимката на која наводно им вели на донаторите на кампањата дека партискиот собир на Трамп во септември и наштетил на неговата кампања, како и на другите републикански кандидати.

Трамп го нарече Пакстон еден од „најлојалните луѓе“, а претходниот ден изјави дека не слушнал за снимката.

Кампањата на Пакстон ја карактеризираше снимката како „манипулирана глупост“.

– Можам да ви кажам дека собирот беше неверојатен – рече Трамп во Овалната соба.

Трамп го поддржа Пакстон на републиканските предизбори против актуелниот сенатор Џон Корнин. Откако Пакстон победи, на општите избори ќе се соочи со демократскиот кандидат Џејмс Таларико.

Тексас традиционално се смета за сигурно републиканско упориште, но овогодишната трка за Сенатот е понеизвесна, поради што републиканците мора да издвојат значителни средства за да го задржат местото во Сенатот пред демократскиот кандидат Џејмс Таларико.

Трамп се соочи со критики низ целиот свет поради воведувањето царини. За време на посетата на Тексас, вклучително и обиколката на фабриката „Питербилт“ (Peterbilt), тој ја бранеше својата трговска политика.

Некои компании ги оспорија царините на Трамп пред судовите, но неговата администрација тврди дека царините го поттикнуваат производството и вработувањето во САД. Како пример го наведува „ПАКАР“, сопственикот на „Питербилт“, за кој тврди дека благодарение на царините за камиони отворил повеќе од 2.000 работни места низ земјата, вклучително и околу 1.000 во фабриката во Тексас.

Цените на горивото за дизел и бензинските камиони неодамна достигнаа рекордни нивоа во Тексас, што се поврзува со економските последици од војната со Иран.

Цената на дизелот во таа сојузна држава пред две недели достигна рекордна цена од 5,97 долари за галон, додека просечната цена на бензинот од 3,92 долари за галон изнесува речиси 44 проценти повеќе од пред една година, според податоците на автомобилскиот клуб ААА.

Трамп ќе ги продолжи предизборните собири во Алабама, уште една сојузна држава во која републиканците традиционално имаат цврста поддршка.

Утре треба да го посети политички понеизвесниот Охајо, сојузна држава во која на изборите во 2024 година освои 55 проценти од гласовите, но каде што сенаторот Џон Хастед сега се соочува со тесна трка за нов мандат.

Трамп в понеделник ќе одржи собир и во Небраска, каде што републиканците се соочуваат со неизвесна трка за Претставничкиот дом во Омаха, како и со трка за Сенатот која во последните денови почна да се заострува. (МИА)

Поврзани вести