
Канадско-американскиот глумец Џим Кери (64) стапи в брак со својата партнерка Мин Аа на мала, приватна свеченост во Лос Анџелес, потврди денеска неговиот претставник за американското списание „Ентертејнмент викли“.
Ова е трет брак на Кери. Инаку, актерот и двојно помладата Мин Аа првпат беа фотографирани заедно во 2022 година, а официјално се појавија како пар на 26 февруари годинава – на доделувањето на наградите „Цезар“ во Париз. Додека ја примаше почесната награда, Кери му се заблагодари на своето семејство – ќерката Џејн и внукот Џексон, па ѝ изрази посебна благодарност на својата „возвишена животна сопатничка“, како што ја нарече.
Те сакам, Мин Аа!, рече Кери тогаш, по што публиката стана на нозе и со овации ги поздрави глумецот, неговата партнерка, ќерка му и внукот.
Кери претходно беше во брак со Мелиса Вомер од 1987 до 1995 година – со неа ја има ќерката Џејн, како и со актерката и негова колешка од филмот „Глупавиот и поглупавиот“ (Dumb and Dumber), Лорен Холи. тој се ожени со Холи во 1996., но се разведе од неа веќе следната година. Во својот живот, комичарот беше во врска и со Џени Мекарти, Рене Зелвегер, Линда Ронстат, Џенјуари Џонс, како и со Ирката Кетриона Вајт која почина во 2015, на свои 30 години. Инаку, Кери претходно изјавуваше дека не планира повторно да се жени.
Ако си го направил тоа двапати, навистина треба да престанеш, рече Кери во една прилика.
Сепак, како што се забележува од новите случувања, се чини, тој го променил својот став.

Македонски


