Skip to main content
mlBfQJ8oxB0

Бен Афлек повеќе e загрижен за влијанието на ВИ врз општеството отколку врз Холивуд

Facebook / Ben Affleck

Американскиот глумец, продуцент и режисер Бен Афлек изјави дека е повеќе загрижен за влијанието на вештачката интелигенција (ВИ) врз децата и општеството отколку врз филмската индустрија.

Се грижам за моите деца на училиште, рече Афлек на конференцијата „Блумберг скринтајм (Bloomberg Screentime)“, наведувајќи потоа причини како што се поголемиот број највисоки оценки на факултет, научената „беспомошност“ и прашањето околу одговорна употреба на ВИ.

Што се однесува до Холивуд, Афлек смета дека, пред сѐ, ВИ ќе служи како дополнување на постојните процеси, а не како замена за филмаџиите и другите творци. Тој спомна дека ВИ е користена за многу работи во неговиот нов филм за „Нетфликс“ насловен „Животни (Animals)“, но одби да открие конкретни подробности.

Според него, иако ВИ може да биде корисна алатка во филмската индустрија, тој не верува дека таа ќе му овозможи некому, само со внесување команда – да создаде филм што луѓето навистина ќе сакаат да го гледаат.

Зборувајќи за своето искуство со „Нетфликс“, Афлек ги отфрли гласините дека компанијата барала заплетот на филмот „Грабеж (The Rip)“ да биде откриен во првите неколку минути, а потоа и повторуван во текот на целиот филм. Тој изјави дека искуството што тој и неговиот колега-глумец Мет Дејмон, го имале со „Нетфликс“ било „целосно спротивно“ на тие тврдења. Инаку, двајцата „оскаровци“ ја основаа продукциската куќа „Артистс еквити (Artists Equity)“, којашто продуцираше повеќе филмови, како што е и „Ер (Air)“.

Премиерата на филмот „Животни“, во кој улогите ги толкуваат Џилијан Андерсон, Стивен Јеун и Кери Вашингтон, е закажана за 9 октомври на „Нетфликс“.

Поврзани вести