Skip to main content

Протестите на средношколците ширум Франција драматично ескалираа: Директор полеан со бензин, запалено противпожарно возило, стотици уапсени…

Протестите на средношколците ширум Франција драматично ескалираа, а во повеќе градови дојде до судири, пожари и масовни апсења.

Протестите, кои започнаа поради недостиг на наставен кадар и лошите услови во дел од училишните објекти, прераснаа во сериозни немири. Според информациите што ги пренесува „Курир“, повикувајќи се на Ројтерс, најмалку две училишта биле зафатени од пожар.

Особено драматично било во Марсеј. Стотици млади луѓе опколиле противпожарно возило кое пристигнало за интервенција кај средното училиште „Сент Егзипери“. Според полицијата, пожарникарите биле принудени да го напуштат возилото, по што тоа било запалено.

Во истиот град бил нападнат и директор на училиште. Според обвинителството, напаѓачите го полеале со бензин и физички го нападнале. Засега нема детални информации за неговата здравствена состојба.

Пожар избувнал и во средното училиште „Нелсон Мандела“ во Нант. Објектот бил евакуиран, а според локалните власти, пожарот бил ставен под контрола и немало повредени.

Француските власти соопштија дека во досегашните немири се уапсени 625 лица, додека 199 лица се повредени, меѓу кои и 83 полицајци. Голем дел од приведените се тинејџери.

Учениците ја обвинуваат полицијата за прекумерна употреба на сила, вклучително и употреба на солзавец, додека Владата го осуди насилството и порача дека проблемите во средните училишта мора сериозно да се разгледаат.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез предупреди дека на одредени места групи учесници се движат од едно до друго училиште и поттикнуваат насилство.

Протестите претставуваат дополнителен притисок врз француската влада, особено во период кога се претставуваат и мерки за штедење во рамките на буџетот за 2027 година.

Поврзани вести