
Јавното обвинителство преку проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото” денеска организираше меѓуинституционална работна средба за подготовка на новата Стратегија за човечки ресурси на Јавното обвинителство за периодот 2026-2028 година.
Нацрт-стратегијата е подготвена од експерти ангажирани од Проектот, а на денешната дискусија имаа можност своите забелешки и коментари да ги дадат сите институции надлежни за процесите кои треба да овозможат нејзина успешна имплементација.
Јавниот обвинител на Македонија, Ненад Савески изјави дека работната верзија идентификува повеќе предизвици со кои подолго време се соочува јавнообвинителската мрежа: недоволната кадровска екипираност, нерамномерната распределба на кадарот и работното оптоварување, старосната структура и очекуваните пензионирања, недостигот на стручен и специјализиран кадар, како и ограничените капацитети за современо управување со човечките ресурси.
Овие состојби не може да се надминат само со констатирање на бројот на пополнети и непополнети работни места. Потребно е кадровските потреби да се утврдуваат врз основа на релевантни и проверливи податоци: обемот и сложеноста на работата, законските надлежности, работните процеси, постојните капацитети, ризиците и проектираните идни потреби, изјави Савески.

ЈОРСМ во соопштението посочува дека од почетокот на следната година започнува примената на новиот Закон за јавнообвинителската служба, а се очекуваат и дополнителни промени во нормативната рамка. Една од приоритетните обврски во периодот што следува и во согласност со Стратегијата, наведува државното Јавно обвинителство, е донесувањето на актот за внатрешна организација и актот за систематизација на работните места во Јавното обвинителство.
Нашата цел не е само да усвоиме уште еден документ. Нашата цел е да воспоставиме одржлив систем што ќе обезбеди вистинските луѓе, со потребните знаења, вештини и интегритет, да бидат на вистинските работни места и да имаат услови професионално, независно и одговорно да ја извршуваат својата работа, додаде Савески.
Свои согледувања за текстот на Стратегијата на работната средба дадоа и претставниците на Советот на јавните обвинители, Академијата за судии и јавни обвинители, Здружението на јавните обвинители, јавнообвинителската служба, Државната комисија за спречување на корупцијата, како и на неколку министерства – за правда, за финансии, за јавна администрација и за односи меѓу заедниците. Нивните забелешки се нотирани и ќе бидат земени предвид при изготвувањето на финалниот текст на Стратегијата.
Јакнењето на капацитетите на Јавното обвинителство, меѓу другото и во делот на човечките ресурси, е дел од обврските на нашата земја предвидени во Реформската агенда, а Стратегијата треба да овозможи ефикасно управување со кадарот во јавнообвинителската мрежа, соопшти Јавното обвинителство на Република Македонија.

Македонски

