
Управата за јавни приходи (УЈП) и средното училиште „Васил Антевски – Дрен“ од Скопје потпишаа меморандум за соработка, со кој се предвидува практична настава за 20 полнолетни ученици во работните простории на УЈП.
Со меморандумот, потпишан од директорката на УЈП, Елена Петрова, и в.д. директорот на „Васил Антевски – Дрен“, Александар Мијоски се воспоставува рамка за образовна, практична и техничка соработка, која ќе се реализира во согласност со важечките прописи и наставни програми, како и со кадровските, просторните, техничките и организациските можности на УЈП.
Соработката предвидува и реализација на едукативни посети, презентации, предавања и работилници, преку кои учениците ќе имаат можност стекнатите теоретски знаења да ги поврзат со практичната работа, како и да се запознаат со функционирањето на даночниот систем и работата на Управата за јавни приходи. Посебен акцент во соработката ќе биде ставен и на унапредувањето на фискалната едукација кај младите, преку едукативни активности насочени кон запознавање со значењето на даноците, јавните приходи и даночната одговорност, како и со улогата на Управата за јавни приходи во функционирањето на јавниот финансиски систем – стои во соопштението.

Македонски

