Skip to main content
ПРОДОЛЖУВА РАСКОЛОТ ВО СДСМ

Филипче ги нарече пучисти, а сопартијците од платформата 12:05 му вратија: Тој не е претседател на членството, туку претседател на фиктивни картички за гласање

СДСМ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција го оцени вчерашниот настан на Платформата за промени во СДСМ како обид за дефокусирање на јавноста од владините политики и порача дека партијата останува единствениот опозициски бастион во државата.

Според Филипче, настанот претставува здружување на лица кои дејствуваат во интерес на власта со цел да се фрагментира опозицијата во период кога, како што рече, раководството отвора клучни општествени и економски прашања. Поранешните партиски функционери на СДСМ, вели, ги потцениле членовите на партијата и дека нивните постапки се дел од подолг процес насочен против социјалдемократите.

Вчера видовме на едно место мала група на пучисти, поранешни функционери на СДСМ, но и членови на други партии, на ЛДП, луѓе вработени од ЗНАМ, и, внимавајте, на Левица, партијата којашто има целосно спротивни вредносни политики од нашите, партијата којашто отворено застапува руски и кинески интереси тука кај нас и е финансирана од Русија и од Кина…Вчера се докажа дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е единствениот опозициски бастион во земјата. СДСМ вчера се покажа и се докажа дека е единствената партија којашто може да биде и е носител на опозициското движење и да ја канализира целата опозициска енергија во земјата. Жалам што тие поранешни партиски наши функционери, партиски другари, ги потценија членовите на СДСМ – рече претседателот на СДСМ.

Филипче наведе дека нивната цел е јавноста да не го насочува вниманието кон темите за рудниците, задолжувањата, земјоделството, платите, пензиите и меѓународните претставувања.

Зошто не зборуваат или не го одземаат вниманието од тоа така силно и аргументирано, опозициски да ја критикуваме власта, за лошите политики коишто ги води, зошто не зборуваат за дата-центрите, за намерата на Христијан Мицкоски и на неговата банда да ја земат водата од земјоделците, зошто не зборуваат за петте нови рудници коишто за првпат се впишуваат во просторниот план, план изготвен од Министерството за животна средина? Ќе се копа антимон за туѓи интереси. Антимон којшто ќе влезе и во земјата и во водата и ќе ги загади и земјата и водата, и ќе го загрози здравјето на луѓето коишто живеат во тие региони. Пет нови рудници, тие против коишто ние се боревме – нагласи Филипче.

Имаме разбирање за причините за растечката нервоза, но вакви манипулации нема да одмолчиме бидејќи сметаме дека сме должни да го заштитиме интегритетот на оние учесници на вчерашна сесија „Разговори #2“ кои не се политичари, стои во писмената реакција на организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ по повод денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

фото: „Разговори за иднината во 12:05“

Организаторите на платформата во врска со денешната прес конференција на „Бихакќа“ го соопштуваат следниот став:

Венко Филипче со малата група се фракција во СДСМ. Тој не е претседател на членството туку претседател на фиктивни картички за гласање. Денес се потврди токму тоа. Со сите притисоци врз членовите, тој на прес конференцијата собра половина раководство и стотина луѓе во публика. Тоа е помалку од еден процент од гласовите кои наводно ги освои на внатрепартиските избори. Венко Филипче нема образ за обвинувањата кои ги пласира. На пример, во неговиот Централен одбор седи Рубин Земон, човекот кој го оспорува Македонскиот великан Гоце Делчев.

Со Левица ние имаме многу разлики за различни прашања, но сме согласни за едно, “на ти – дај ми” тандемот Мицкоски – Филипче мора да бидат поразени.

На втората сесија на “Разговори за иднината во 12:05” имаше идеолошка, експертска и демократска дебата која во СДСМ не се случила со години. Таа маса на Платформата вчера тежеше минимум 150 илјади гласа.

Со хистеријата која упорно се обидува да ја наметне Венко Филипче, тој свесно ги одвраќа опозициските гласови од СДСМ затоа што е уценет и мора да одработи во полза на ВМРО – ДПМНЕ. Главен кочничар на обединувањето на опозициската демократска и прогресивна јавност е ова изгубено партиско раководство чија единствена цел им е да се докопаат до пратенички мандати. Мнозинството членови на СДСМ мислат со своја глава и знаат да препознаат кој за што се бори.

Венко Филипче не е, и не може лажно да и се продава на јавноста како жртва, бидејќи тој е егзекуторот на највалканиот дил во поновата политичка историја на Македонија.

Поврзани вести