Skip to main content

Панел на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ: Жените не треба да бидат само присутни кога се носат одлуки, туку креатори на истите и носителки на промени

Демократијата не се гради од луѓе коишто остануваат безбедни на дистанца, набљудувајќи и коментирајќи, туку од оние коишто влегуваат внатре. Жените не треба да бидат само присутни кога се носат одлуки, туку креатори на истите и носителки на промени. Активното учество на жената носи и храбри одлуки и носи добри промени во нашето општество се во интерес на граѓаните, беше истакнато вечерва на панелот „Учеството како двигател на демократијата“, во рамки на политичката платформа насловена „Повеќе учество, повеќе демократија“, во организација на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека политиката во ова време во коешто живееме е наша обврска, бидејќи работите навистина толку брзо се менуваат, имаме можност секој, зависно од тоа што најдобро го знаеме и најдобро го умееме, преку политички субјект да дадеме свој придонес.

-Тој што ја познава ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и што има поминато низ структурите на партијата, знае дека таа е многу повеќе од еден типичен политички субјект којшто можеби некогаш јавноста го гледа како таков. ВМРО-ДПМНЕ е семејство, збир на луѓе кои споделуваат многу повеќе од само политички вредности, луѓе кои споделуваат визија за иднината на државата, субјект во којшто имаме секогаш време и простор да дискутираме за многу повеќе од секојдневните политики, туку како ја гледаме државата во еден подолгорочен период – рече Муцунски.

Според него, секој оној којшто учествува во ВМРО-ДПМНЕ, во структурите на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, знае дека независно дали е тој или таа активен во месен комитет, во општински комитет, во централна комисија, во една од раководните структури на партијата, можете да бидете активен чинител во промени онаму каде што можете да дадете свој инпут.

-​Во овој момент исто така треба да бидеме свесни и за реалноста. ВМРО-ДПМНЕ е тој политички субјект којшто има јасна слика за тоа каде треба да се движи државата. Независно дали е тоа економско-финансиска политика, независно дали е тоа политика насочена кон развојот на индустријата, на инфраструктурата, на надворешната политика… Ние сме онаа структура којашто знае како треба Македонија да се гради за следните 10, 15 и 20 години.
​И оттука, ова за еден крај – овој денешен настан треба да биде еден повик до сите амбициозни луѓе во државата, сите кои сакаат заеднички да ја претворат Македонија во подобро место за живеење, да се приклучат, да станат дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ и да помогнат да изградиме држава каква што заслужуваме – заклучи Муцунски.

Ана Шутиноска член на Извршниот комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на панелот истакна дека кога прифатила да стане член на ИК, јасно ја сфатила разликата од тоа да биде пасивен набљудувач кон активен учесник во промените.

-​Со тоа доаѓа и тежината да зборуваш во името на ВМРО-ДПМНЕ, име кое несомнено носи голема одговорност. Со нашето учество денес, верувам дека и тоа како покажавме дека сме подготвени секако да ја преземеме таа одговорност. ​И тоа е разликата за којашто сакам да зборувам вечерва. Не разликата помеѓу тивок и гласен живот, туку разлика помеѓу глас којшто коментира и глас којшто одлучува. Првиот е удобен затоа што не носи последици, можеш да кажеш било што, па и да не сносиш некоја одговорност следниот ден. Вториот, условно, е неудобен затоа што твоето име останува залепено за резултатот, независно дали е добар или лош – рече Шутиноска.

Таа истакна дека сметала дека демократијата не се гради од луѓе коишто остануваат безбедни на дистанца, набљудувајќи и коментирајќи, туку од оние коишто влегуваат внатре.

-Таа е детерминирана од луѓето коишто во еден момент прифаќаат да ја платат цената на изложеноста, еден по еден, момент по момент, одлука по одлука.
​За мене тоа учество значи и одговорност кон нашата татковина и кон традицијата и вредностите коишто нè оформиле како народ. Верувам дека вистинскиот напредок доаѓа кога чекориме напред, се разбира водени од гордоста за нашата припадност. И во тој контекст, секако дека ми претставува голема чест и привилегија што сум дел од Извршниот комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, единствената партија која навистина сака да ја види Македонија просперитетна, успешна и почитувана – истакна Шутиноска 

​Секој наш глас што ќе се крене, додаде таа, и секоја уште една жена што ќе влезе внатре е чекор поблиску до подобра демократија. 

Маре Богева, член на Извршниот комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Бирото за јавни набавки, истакна дека Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ е Унија во која сите може да се вклучат и партиципираат за да ги носиме одлуките заеднички, бидејќи токму и демократијата подразбира носење на одлуки заеднички.

-Политичкото присуство не значи само носење одлуки на состаноци – тоа значи преземање одговорност и да не бидеме неми набљудувачи на проблемите и предизвиците туку да бидеме проактивни чинители да даваме решенија и да ги решаваме проблемите. Токму тука ја гледам и улогата на ВМРО-ДПМНЕ, како поилитичка сила која отвора и остава просторо за луѓе што имаат знаење, искуство и желба да работат за Македонија. Простор во кој професионалното искуство може да се претвори во политичка иницијатива, а политичката инцијатив во конкретен резултат. Политичкото учество е мостот помеѓу она што го знаеме и она што можеме да го промениме преку директно политичко учество – рече Богева. 

Елена Ивановска, генерален секретар на Извршниот комитет на Унија на жени и државен секретар во Министерството за образование и наука, истакна довербата што граѓаните им ја дале на изборите не е само празен лист хартија и не е само мандат без обврски.

-За мене за тимот со којшто сум во МОН, за нас тоа е навистина мандат со голема одговорност, носиме мудри одлуки под раководство на една импозантна жена. Кога победивме на изборите ние склучивме договор со граѓаните дека институциите ќе функционираат во корист на граѓаните. Ова мора да го потврдуваме секој ден. Политиката треба да ги слуша потребите на граѓаните и да ја претвориме во мерки и резултати што ќе го олеснат секојденвниот живот на граѓаните. Целта е д создаваме натамошни политики што нема да создаваат бариери туку ќе го олеснуваат целокупното делување во нашето општествено опкружување – рече Ивановска. 

Таа истакна дека е најважна почитта кон граѓанинот. -Некогаш немаме инстант решенија и чесно е ако немаме решенија веднаш да дадеме образложение, јасен одговор, но и рок до кога можеме истото да го решиме. Институциите не треба да молчат затоа што молкот создава недоверба.

-Оттука ја гледам и улогата на жените во политиката – ние жените не треба да бидеме само присутни кога се носат одлуки. Ние треба да бидеме креатори на одлуки и носителки на промени. Активното учество на жената носи и храбри одлуки и носи добри промени во нашето општество се во интерес на нашите граѓани. Довербата на граѓаните можеме да ја оправдаме само со многу работа, многу резултати и исполнување на она што сме го ветиле – заклучи Ивановска.

Во рамки на настанот се одржува и втор панел насловен „Улогата на политичките партии во демократското учество“, на кој говорат Владо Мисајловски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министер за одбрана, Ленче Нелоска, потпретседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Геронтолошкиот завод во Скопје, Драгана Арсова, член на Извршниот комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник и Елена Кочоска, член на Извршниот комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани вести