Skip to main content

Трамп: Не се каам за војната со Иран и не верувам во зборот „каење“

Facebook/The Wnite house

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не се кае што започнал војна против Иран, и покрај влијанието што конфликтот би можел да го има врз ноемвриските избори за американскиот Конгрес.

Не верувам во зборот ‘каење’. Секогаш можете малку да се запрашате дали сте биле во право – изјави Трамп во интервју со водителката на „Фокс њуз“, Лора Инграхам, на прашањето дали се кае поради војната со Иран заради нејзиното можно влијание врз изборниот исход.

Ако требаше повторно да го направам тоа, ќе постапев токму исто – рече Трамп во интервјуто емитувано во емисијата „The Ingraham Angle“.

Американскиот претседател ги отфрли наводите дека дел од неговите поддржувачи се вознемирени и деморализирани поради војната.

  • Не мислам дека се деморализирани. Мислам дека се многу горди на фактот што не му дозволувам на Иран да има нуклеарно оружје – изјави тој, повторувајќи го своето уверување дека војната ќе заврши веднаш по изборите за Конгресот.

Трамп даде слични изјави и во средата, тврдејќи дека Техеран се обидува да влијае врз изборите на кои ќе се одлучува дали неговата Републиканска партија ќе ја задржи контролата врз Конгресот.

Зголемувањето на цените на нафтата и гасот поради војната што САД и Израел ја започнаа против Иран стана главно прашање за републиканците во периодот пред изборите. Двете земји го нападнаа Иран на 28 февруари, а Иран возврати со сопствени напади врз Израел и врз земји од Заливот во кои се поставени американски воени бази. Во нападите врз Иран и израелските напади врз Либан загинаа илјадници луѓе, а милиони беа раселени.

Трамп го посочи ослабувањето на нуклеарните способности на Техеран како една од главните цели на војната.(МИА)

Поврзани вести