Skip to main content

„Крвава свадба“ во режија на Филип Петковски премиерно на 7 септември во театарот „Никола Вапцаров“ во Благоевград

Иван Дончев

На 7 септември, во Драматичниот театар „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, премиерно ќе биде изведена претставата „Крвава свадба“ од Федерико Гарсија Лорка, во режија, драматуршка адаптација и кореографија на македонскиот режисер и кореограф Филип Петковски.

„Крвава свадба“ е приказна за трагична љубов, претворена во современ сценски ритуал кој ги спојува физичкиот и постдрамскиот театар, танцот и балканското фолклорно наследство – препознатливи елементи од сценскиот јазик на Петковски. Ликовите навидум наликуваат на обични луѓе, растргнати меѓу она што општеството го очекува од нив и она што нивните тела го посакуваат. Тоа е претстава за љубовта како сила која не им се потчинува на правилата, за семејството како засолниште и затвор и за свет во кој честа понекогаш станува поважна од човечкиот живот.

Говорот и текстот во претставата не доминираат како основни изразни средства. Актерите ги користат кореографијата и движењето за да ги изразат емоционалните состојби на ликовите, додека очилата што ги сокриваат нивните погледи го насочуваат вниманието кон телото како главен носител на сценското значење и оставаат простор за субјективна интерпретација на гледачот.

Фотограф: Иван Дончев

Постановката не се обидува да ја реконструира Андалузија на Лорка, туку создава сопствен сценски свет преку елементи од ромското и балканското фолклорно наследство, особено присутни во музиката на Петар Дундаков. Традиционалното и современото, религиозното и паганското постојат во една заедничка реалност, во која луѓето постојано се обидуваат да избегаат од улогите што општеството однапред им ги определило.

Сценографијата на Мартин Манев ја создава „сувата пустелија“ што ликовите постојано ја споменуваат во текстот, додека костимите на Антонија Гугинска Јорданоска ја интерпретираат културата на облекување во Андалузија преку современа естетика. Драматуршката адаптација ја трансформира жената од жртва во активен субјект, а поезијата на Лорка селективно се користи како коментар на сценското дејство.

Фотограф: Иван Дончев

Кога музиката ќе запре и свадбениот ритуал ќе заврши, останува прашањето: дали трагедијата е последица на еден погрешен избор – или на свет во кој вистински избор никогаш немало?

Филип Петковски е режисер, кореограф и доктор на науки од областа на изведбените уметности од Скопје, Македонија. Неговата претстава „Ифигенија за ништо“ е добитник на три награди на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ во Велес во 2025 година, меѓу кои Гран при и наградата за најдобра режија, додека „Мац, мац“ ја доби наградата за најдобра претстава од студентското жири на Меѓународниот театарски фестивал во Приштина во 2024 година.

Автор: Федерико Гарсија Лорка
Режија, драматургија и кореографија: Филип Петковски
Сценографија: Мартин Манев
Костими: Антонија Гугинска Јорданоска
Музика: Петар Дундаков
Асистент-режисер: Кирил-Јоан Миленков

Играат: Ванина Јорданова, Самуил Сребрев, Недиљана Павлик, Лора Христова, Биљана Дилкова, Огњан Спиров, Теодор Каракачанов, Камен Стефанов, Иван Николов, Мартин Јорданов, Марина Фрцова, Александра Краснова, Катја Иванова и Матеј Мичев.

По премиерата, следните изведби се на 9 септември во Гоце Делчев, на 23 септември во Петрич и на 24 септември во Сандански.

Проектот „Крвава свадба“ се реализира со финансиска поддршка на Националниот фонд „Култура“ на Република Бугарија, во рамки на програмата „Создавање и распространување / Големи проекти“ 2025.

Претставата е реализирана со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина ги одразува единствено ставовите на авторите и не треба да се смета за израз на официјалната позиција на Европската Унија.

Поврзани вести