
Речиси половина од проценетите 934 милиони земјоделци во светот секоја година претрпуваат ненамерно труење со пестициди, покажува студија објавена во списанието „Фронтиерс ин паблик хелт“ (Frontiers in Public Health).
Студијата, спроведена од истражувачи од мрежата „Пестисајд акшн нетворк“ (Pesticide Action Network – PAN), анализирала 214 публикации од периодот од 2006 до 2023 година, заедно со податоци за смртноста на Светската здравствена организација (СЗО). Истражувачите проценуваат дека годишно се случуваат до 433 милиони случаи на ненамерно акутно труење со пестициди, што опфаќа околу 46 проценти од земјоделските работници во светот, а околу 11.000 случаи годишно завршуваат со смртен исход.
Најголемиот товар паѓа врз земјите од Глобалниот југ, особено во Јужна и Југоисточна Азија и источна Африка. Во Буркина Фасо, на пример, се проценува дека дури 84 проценти од земјоделците годишно претрпуваат акутно труење со пестициди.
Зад овие вџашувачки бројки стојат земјоделци, работници и семејства кои плаќаат ужасна човечка цена поради изложеноста на пестициди. Ова истражување открива криза што повеќе не може да се игнорира“, изјави извршниот директор на „Пестисајд акшн нетворк Индија“, Џајакамар Челатон.
Наодите доаѓаат во период кога глобалната употреба на пестициди повеќе од двојно се зголемила меѓу 1990 и 2023 година.
Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), без пестициди меѓу 20 и 40 проценти од глобалните приноси на земјоделските култури би биле изгубени секоја година поради штетници и болести. Ризиците од нивната употреба дополнително ги зголемуваат пошироките предизвици со безбедноста на храната, особено во земјите во развој кои веќе се соочуваат со климатски шокови, конфликти и притисок врз земјоделското производство.

Македонски



