Skip to main content

Македонските државјани кои загинаа во Словенија се две деца на возраст од 4 и 11 години и 74-годишна жена

Полициската управа во Копер соопшти дека меѓу загинатите три лица во сообраќајната несреќа на автопатот Приморје во Словенија, две се деца на возраст од четири и 11 години, а третата жртва е 74-годишна жена. Повредената 33-годишна жена е однесена во болница со хеликоптер, а 39-годишниот возач со амбулантно возило, соопшти Полициската управа во Копер.

Претходно македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека тројца македонски државјани, едно полнолетно и две малолетни лица, загинале во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера на автопатот А1 во близина на Унец, Словенија.

– До Амбасадата на Република Македонија во Љубљана е доставено официјално известување од словенечката полиција за тешка сообраќајна незгода што се случила на 27 август 2026 година на автопатот А1, во близина на Унец. Во незгодата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Република Македонија. Повредени се уште две лица кои се наоѓале во возилото и кои исто така се македонски државјани. Случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер – стои во соопштението.

Македонската Амбасада во Љубљана, додаваат, е во комуникација со надлежните словенечки институции и го следи понатамошниот тек на постапката. 

Тројцата македонски државјани, кои загинаа во сообраќајната несреќа во Словенија се од село Житинени, Општина Центар Жупа.

– Немам зборови со кои би ја искажал тагата од оваа страшна трагедија која ги потресе жителите на нашата општина. Семејството е по потекло од село Житинени, а живеат во Равена Италија. Се молиме, за закрепнување на другите две повредени лица, кусо за МИА изјави градоначалникот Аријан Ибраим од општина Центар Жупа. 

 Во автомобилот, според него биле родителите на децата и нивната баба, мајка на возачот.

Словенечки Автомото, вчера обајви дека несреќата се случила попладнето, кога поради дефект камионот застанал во просторот за запирање, а возачот на автомобилот удрил во задниот лев дел од приколката од, засега непозната причина. Во моментот на несреќата во автомобилот имало пет лица, сите државјани на Македонија. Лекарот ја потврдил смртта на три лица на самото место. Едно тешко повредено лице било пренесено во болница со хеликоптер, додека повредениот возач бил пренесен со амбулантно возило.

Поврзани вести