
Над 10.000 овци досега угинале во Македонија како последица на ширењето на овчите сипаници, додека десетици стада се целосно уништени. Сточарите предупредуваат дека состојбата е алармантна и бараат итна вакцинација и засилена контрола на движењето на животните.
Според нивните процени, од почетокот на кризата се уништени меѓу 40 и 50 стада, а секојдневно се појавуваат нови жаришта. Најпогоден е источниот дел од земјава, додека одгледувачите од југозападниот регион стравуваат дека болеста може да се прошири и во областите во кои сè уште нема потврдени случаи.
Тие бараат да се спречи пренесувањето животни од заразените кон незаразените подрачја, да се зајакнат теренските контроли и да се обезбеди побрзо и соодветно отстранување на угинатите животни.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека до Европската комисија и до Турција е доставено барање за донација на вакцини. По нивното обезбедување, препаратите треба да бидат испитани за безбедност и чистота, а потоа би почнала организирана вакцинација. Засега не е соопштен точен датум кога таа би започнала.
АХВ во меѓувреме ја применува стратегијата за сузбивање на болеста со отстранување на заразените животни и воведување заштитни мерки во потврдените жаришта.
Надлежните предупредуваат дека сточарите не смеат самостојно да набавуваат и да применуваат непроверени вакцини. Неовластената вакцинација ќе се санкционира, а сопствениците на таквите животни може да го изгубат правото на обесштетување.
Одгледувачите, пак, предупредуваат дека времето е клучно и бараат државата да ја забрза постапката, да обезбеди поголемо обесштетување и да преземе поефикасни мерки за заштита на преостанатиот сточен фонд. Според нив, во земјава има меѓу 250.000 и 300.000 овци, што значи дека продолжувањето на заразата може да предизвика сериозни последици за целото домашно овчарство.

Македонски


