
Еве една едноставна, вкусна и сочна пита со крцкави кори. Одлична е за појадок, ручек или вечера, а мирисот додека се пече е неодолив!
Состојки:
- 500 г тенки кори за пита
- 500 г исчистена блитва
- 1 праз
- малку масло
- сол или зачинал, по вкус
- бибер и лук, по желба
- 200 г сирење
За преливот:
- 100 мл вода
- 100 мл масло
- ½ кесичка прашок за печиво
Подготовка: Блитвата исечкајте ја на помали парчиња, а празот ситно исечкајте го. Пропржете ги заедно на малку масло околу 10 минути, додека испари течноста. Зачинете по вкус. За преливот, ставете ги водата и маслото да зовријат, па додадете го прашокот за печиво. Сирењето изрендајте го на крупно.
Намастете тавче со малку масло и започнете со редење. Ставајте кора по кора и секоја попрскајте ја со преливот. Во средината на корите распоредете од блитвата и посипете со ренданото сирење. Продолжете со корите и преливот додека да ги потрошите. Кога ќе ја наредите питата, исечете ја на коцки и прелијте ја со преостанатиот прелив. Печете во загреана рерна на 200°C, додека питата убаво не порумени. Оставете ја малку да се подизлади, па послужете. Ако користите многу тенки кори, по печењето може да ја вратите питата уште 2–3 минути во топлата рерна за да стане дополнително крцкава.

Македонски


