Skip to main content

Најмалку три жртви во руските напади врз Украина, продолжуваат украинските удари врз руската инфраструктура

Во руските напади врз цели во Украина денеска загинаа најмалку три лица, додека украинските сили продолжија со удари врз руската инфраструктура.

Руски дронови го нападнаа северот на Украина, при што загинаа 29-годишна жена и нејзиниот деветгодишен син, соопштија украинските власти. Во истиот напад во регионот Суми беа повредени четири лица, кои поради тешки изгореници се хоспитализирани, изјави началникот на регионалната воена управа Олег Григоров.

Во источната украинска област Доњецк, пак, во руски напад беа уништени шест ката од станбена зграда, при што загина една личност, а 16 се повредени, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски. На мета на нападот ноќеска беше и железничката станица во украинското пристаниште Измаил на југот на земјата, за која се наведува дека се користи за транспорт на воен товар и гориво за украинските вооружени сили. Зеленски изјави дека руските сили ноќеска нападнале вкупно 12 украински региони.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили во Црното Море погодиле два влекача што ги придружувале товарните бродови со западно вооружување за Украина.

Од друга страна, украинските сили ја проширија кампањата на удари врз руската инфраструктура, погодувајќи го пристаништето Уст-Луга во Ленинградската област, северозападно од Москва. Нападот предизвика пожар, изјави гувернерот на таа област Александар Дрозденко. Пристаништето Уст-Луга е еден од најголемите руски терминали за извоз на нафта и гас и се наоѓа на повеќе од 800 километри од Украина. Украина изведе и уште еден напад врз објекти на компанијата „Вајлдберис“, најголемиот руски онлајн-трговец, за кој Киев тврди дека помага во снабдувањето на руската армија. (МИА)

Поврзани вести