
Со цел да се утврди дали на територијата на Грција постојат и функционираат ветерни електрани без потребните дозволи, како и дали се почитуваат пропишаните технички услови за нивна инсталација, одржување и работа, обвинителката надлежна за Дирекцијата за справување со кривични дела поврзани со подметнување пожари (ДАЕЕ) нареди спроведување прелиминарна истрага, откако неодамнешниот пожар во областа Виотија започна токму од ветреници, јави дописничката на МИА од Атина.
Според информациите од противпожарната служба на Грција во чии рамки е Дирекцијата за справување со кривични дела поврзани со подметнување пожари (ДАЕЕ), прелиминарната истрага ќе се спроведе на национално ниво, а предмет ќе бидат евентуални кривични дела поврзани со инсталации на ветерни електрани за производство на електрична енергија.
Надлежната обвинителка на ДАЕЕ, по консултација со обвинителот на Врховниот суд, издала наредба за истрагата по големиот пожар во областа Виотија во централна Грција од пред десет дена кога беше утврдено дека во приватна мрежа за пренос на електричната енергија од ветерници до главната електроенергетска мрежа дошло до осцилација на проводниците, што создало искри, кои паднале на земја и го предизвикале пожарот, што брзо се прошири и во соседната област Атика, зафати голема површина,а имаше и две жртви при судар на хеликоптери, што учествуваа во гаснењето.
Посебен дел од прелиминарната истрага се однесува на ветерните паркови кои во минатото биле предмет на интерес на надлежните органи поради случаи на избувнување пожар.
За собирање на потребниот доказен материјал, ќе бидат побарани податоци од надлежните органи и служби, а онаму каде што ќе биде неопходно, ќе се спроведуваат вештачења и други потребни истражни дејствија, со цел да се утврди дали се почитуваат пропишаните технички и административни барања и да се испита постоењето на евентуална кривична одговорност

Македонски


