
Музичкиот караван „Силно светнал ден“, организиран по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, започна со концерт на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Стадионот стана сцена на која Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи ја раскажуваа приказната за Македонија низ музика, театар, поезија и современ сценски израз.
Од Охрид започна големото патување на „Силно светнал ден“, музичко-сценскиот спектакл создаден по повод 35 години независност на Македонија. Стадионот „Билјанини Извори“ е првата сцена на проектот кој во следните недели ќе патува низ 11 македонски градови, за својата завршница да ја има на 4 септември во Скопје.
Почетокот токму од Охрид носи своја симболика. Град со вековна културна меморија станува почетна точка на современо сценско патување низ приказната на една млада држава низ нејзината музика, литература, луѓе, успеси, загуби, пресврти и генерации.
Во центарот на „Силно светнал ден“, во режија на Дејан Пројковски, е Игор Џамбазов, како главен лик, домаќин и раскажувач кој ја води публиката низ различните времиња и генерации. Сценариото започнува со едно навидум едноставно прашање: Како се пишува песна за Македонија? Од тој генерациски музички предизвик се отвора патување низ македонската културна и колективна меморија – од Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев, преку македонската книжевност и големите музички рефрени, до хип-хопот, новите генерации и младите луѓе на кои им припаѓа иднината.

За проектот 35 години од независноста на Македонија инспирацијата тргна од стихот на Кочо Рацин „Силно светнал ден“ од неговите „Бели мугри“. Целиот музичко-сценски спектакл го замисливме како едно патување низ литературата, поезијата, музиката и се она што сметавме дека е важно и вредно во македонската уметност.. Се разбира еден скромен дел од неа во овие два часа и половина колку што трае целиот перформанс, но си зададовме задача самиот перформанс да комуницира со сите генерации, така што основната линија од која тргнавме е Игор Џамбазов како централен лик и една група на млади хип-хопери, рапери кои се обидуваат да направат песна за независноста на Македонија и тоа тргнува во еден многу забавен, би рекол, музички двобој каде што се убедуваат и спорат која музика е подобра. Од друга страна имаме сцена посветена на „децата на Македонија“, на сите оние млади кои освоиле награди, медали… и тие се всушност идните луѓе кои треба да ги испишуваат убавите страници на Македонија. Вториот сегмент е мал музички времеплов низ македонската музика каде настапуваат едни нашите најголеми музички ѕвезди. Музичкиот сегмент заедно со другиот дел кој е еден вид мјузикл мислам дека ќе направат одлична забава за публиката. Ова е проект кој од сите нас е работен со многу љубов, среќа и посветеност, рече Дејан Пројковски, режисер на проектот.
Водители на програмата беа актерите Игор Џамбазов и Драгана Левенска, учествуваа повеќе од 120 уметници – пејачи, музичари и танчари, а кореографијата е на Олга Панго.

Почестена сум што сум дел од овој спетакл кој е посветен на 35 години независност на нашата Татковина. На покана на мојот долгогодишен соработник Дејан Пројковски, режисерот со кој работам со години се договоривме да направиме нешто поинакво од типот дека не користиме балетски играчи, туку млади актери со кои соработуваме долги години и кои се во форма на танчери. Значи не станува збор за балет, туку нешто поинакво кое е дел од драмскиот дел и од музичките блокови. Долго се подготвувавме, конкретно јас со актерите работев два месеци. Целиот концепт е доста интересен, малку невообичаен за тоа што јас го работам, меѓутоа ова е за граѓаните на Македонија и се надевам дека ќе уживаат во спектаклот, вели Олга Панго, која е автор на кореографијата.
На сцената настапија: Тамара Тодевска, Пере Нокаут, Игор Дурловски, Пеце Суперхикс, Бојана Скендеровски, Бранко Николовски, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Полина Тасева, Бојан Стојков, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Дорис Димовска, Андријана Јаневска, Елена Ристевска, Ана Дурловска, Ана Петановска, Драган Мијалковски, Димитар Андоновски, Дарко Гроздановски, Ружица Брчиоска, Таско, Next Time, Тони Зен, Young Dadi, Лина Пејовска, Марија Спасовска и Мина Блажев. Нивните различни генерации, жанрови и музички јазици се дел од самата идеја на спектаклот: 35 години да не бидат претставени како хронологија, туку како жива приказна во која минатото разговара со сегашноста. „Силно светнал ден“ ги спојува театарот, музиката, поезијата, современиот танц и визуелниот израз во голема продукција на отворено.
Наместо класична прослава на јубилеј, спектаклот се обидува да постави и потешки прашања: Што направивме во овие 35 години, што наследивме, каде погрешивме, со што се гордееме и каква земја им оставаме на генерациите што доаѓаат. Токму младите ја носат една од клучните линии на претставата. Во сценариото, по разговорот за минатото и независноста, доаѓа прашањето за иднината и за „децата на Македонија“ младите кои денес освојуваат медали, создаваат, истражуваат, студираат, спортуваат и ја носат својата земја со себе каде и да одат. Финалната порака затоа не останува во минатото. Таа им го предава светот на новите генерации.
По Охрид, „Силно светнал ден“ го продолжува своето патување низ Македонија. Единаесет градови. Триесет и пет години. Една приказна што сè уште ја пишуваме.

Македонски


