Skip to main content

Во минатонеделниот мигрантски бран врз Сеута загинале вкупно 96 лица, досега идентификувани само шест

Бројот на мигранти убиени по масовниот обид за влез во шпанската енклава Сеута пред една недела се зголеми до 96, од кои 82 на шпанска страна и 14 на мароканска страна, објави денеска шпанската телевизија РТВЕ (RTVE), повикувајќи се на официјални податоци.

Мароканското здружение за човекови права (AMDH) проценува дека вкупно 141 лице загинало кога ќе се додаде и обидот за влез во Мелиља, уште една шпанска енклава во Северна Африка.

Директорот на Институтот за судска медицина во Сеута, Мануел Апарсеро, потврди дека главната причина за смртта е механичка асфиксија поради давење. Обдукциите на сите пронајдени тела се завршени, но досега се идентификувани само шест лица – сите се возрасни мажи со мароканско државјанство.

За да се забрза процесот на идентификација, Шпанската цивилна гарда ги испрати отпечатоците од прсти до мароканските власти за споредба со нивните бази на податоци. Во истрагата се вклучени и дополнителни форензички експерти од шпанските градови Касерес, Саламанка, Ваљадолид, Толедо и Гвадалахара.

Членовите на службите за итни случаи ја опишаа ситуацијата во областа на лакобранот до плажата Тарахал како „ужасна“, наведувајќи дека во најинтензивните моменти на шпанската страна пристигнувале помеѓу 60 и 100 луѓе во минута.

„Кога пристигнавме, сцената беше ужасна. Беше масовен влез на мигранти, а многумина веќе беа мртви, додека други беа во терминална фаза на исцрпеност“, рече Апарсеро, опишувајќи ја интервенцијата на местото на настанот.

Тој додаде дека лекарите се обиделе да реанимираат неколку лица, но некои од обидите биле неуспешни.

Мароканскиот национален совет за човекови права-ЦНДХ (CNDH) објави дека 236 лица се повредени на мароканската страна, вклучувајќи 87 припадници на безбедносните сили.

Околу 100 лица беа уапсени во областа Сеута, вклучувајќи 11 малолетници, во врска со обидот за масовно преминување на границата, додека уште 23 лица беа уапсени во близина на Мелиља.

Немирите на мароканската страна, исто така, предизвикаа значителна материјална штета, при што беа уништени околу 90 приватни и службени возила.

Истрагата на ЦНДХ укажува на важната улога на социјалните мрежи во организирањето на масовниот обид за преминување на границата. Анализирани се 23 Фејсбук групи со повеќе од милион членови, во кои, според наодите од истрагата, објавени се информации за рутите, времето и методите на преминување преку морето до Сеута.

ЦНДХ, исто така, наведува дека погрешното толкување на одлуката на шпанскиот Врховен суд за забрана за итно враќање на мигрантите на море можело дополнително да го поттикне организирањето на масовните обиди за влез.

Притисокот од миграција врз Сеута продолжува. Вчера беше регистрирана смртта на мигрант кој се обиде да влезе во енклавата со параглајдер.

Трагедијата го покрена и прашањето за капацитетот на Сеута да прифати мигранти, особено малолетници, додека локалните власти повторно апелираат за поголема солидарност и помош од остатокот од Шпанија.

Поврзани вести